Македонија
(Видео) Дескоска на идните судии и јавни обвинители: Местењето судски пресуди и обвиненија да остане зад нас

Денеска во Врховниот суд се одржа Свечената церемонија по повод доделувањето на уверенијата на VI генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
„Оваа мисла нека ве води во вашата работа. Бидете независни и потчинети само на законите! Не слушајте ничии инструкции и не дозволувајте ничие незаконито влијание, ниту од законодавната власт, ниту од извршната власт, ниту од која било политичка партија, ниту од медиумите, ниту од судскиот или јавнообвинителскиот менаџмент. Праксата за ‘телефонско правораздавање’, местење судски пресуди или обвиненија за кои можевме да слушаме во нелегално прислушуваните материјали, мора да остане зад нас“ – им порача на кандидатите министерката за правда, Рената Дескоска.
На кандидатите таа им порача и да не дозволат никој да им врши влијание и да не потпаѓаат под притисок да го менуваат значењето на правилата, онака како што тоа им одговара на лицата кои се засегнати од правилата и при утврдувањето на фактите да не бидат под влијание за размислата за целисходност.
Дескоска им посочи на кандидатите за судии и јавни обвинители да ги почитуваат процесните и материјалните права на учесниците во постапката и да запаметат дека притворот не треба да биде казна, туку само мерка за обезбедување присуство која се бара и изрекува само кога е нужно и кога постои основано уверување дека другите мерки нема да бидат доволни.
„Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ со која треба да ја користите умно и во рамки на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи. Не дозволувајте таа моќ да ве стави во искушение, бидејќи од вас граѓаните кои инвестирале во вашето образование очекуваат да бидете на браникот на борбата против корупцијата, а не да паднете под искушението на коруптивно однесување“ – истакна Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот на Мицкоски за повереници е најава за враќање на авторитаризмот на Груевски, смета ДОМ

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира, како што велат, со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
Според партијата, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика“, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските „аристократии“. Молкот за ова прашање од страна на „опозициските“ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, велат од ДОМ.
Партијата бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници“ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, велат од ДОМ.
Македонија
Без струја делови од Бутел, Центар и Аеродром

Без струја денеска ќе останат делови од Бутел, Центар и Аеродром.
„Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, известува дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 22.08.2025 година ( петок ), без електрична енергија ќе останат:
· од 07:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул.Боца Иванова во близина на Јафа. (Општина Бутел)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Васил Стефановски (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул. 9-ти Мај (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Тодор Чангов (општина Аеродром)“, информира ЦУК.
Македонија
Гужва на „Табановце“, за излез се чека 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП “Табановце” времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез околу 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
.АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.