Свет
Се отвора најдолгиот тунел на светот што поминува во срцето на Алпите

Тунелот „Готард“, поминува низ срцето на швајцарските Алпи и го поврзува централниот швајцарски кантон Ури со југот на земјата.
Тунелот е долг 57 километри, неговата изградба чинеше околу 12 милијарди швајцарски франци, а го градеа 2.400 работници. Сега, патувањето од Цирих до Милано ќе трае два часа и 40 минути.
Идејата за изградба на овој тунел ја даде швајцарскиот инженер Карл Едвард Грунер во 1947 година. Беше тоа визионерски проект, за кој Грунер велеше дека би можел да се заврши до почетокот на 21 век.
Со тоа беше засадено семето на еден од најголемите градежни потфати, кој од оваа седмица, откако возовите ќе почнат да сообраќаат низ тунелот „Готард“, ќе го трансформира патувањето низ срцето на Европа.
За да се изгради тунелот, ископани се 28 милиони тони карпи. Изградбата официјално почна во 1999 година, но имаше многу бирократски и финансиски проблеми поради загриженоста од одржливоста на проектот.
Граѓаните на Швајцарија конечно на референдум во 1998 година изгласаа дека се за изградба на тунелот, вклучувајќи и зголемени патарини, од кои би се финансирала изградбата.
Со отворањето на железничката линија низ тунелот „Готард“ ќе се подобри сообраќајната мрежа воопшто, затоа што ќе се намали загадувањето на околината и уништувањето на патиштата. Се очекува бројот на патници во железничкиот сообраќај да се зголеми од 9 на 15 илјади до 2020 година.
Официјалното свечено отворање закажано е за среда, 1 јуни, а освен швајцарските функционери, се очекува присуство на францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, како и италијанскиот премиер Матео Ренци.
Потполна употреба на тунелот ќе почне во декември оваа година.
Тунелот „Готард“ ќе го престигне јапонскиот „Сеикан“, кој о 53,9 километри, до сега, беше најдолг тунел на светот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Турција ѝ нуди помош на Европа, 10 милијарди кубни метри гас годишно преку балканскиот гасовод

Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.
Економија
Македонците од ова лето ќе плаќаат повеќе, Грција ги зголеми туристичките такси

Грција од оваа година ќе ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира средства за подобрување на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам. Според информации објавени на порталот „Шенген њуз“, туристите кои ќе посетат Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.
Зголемување на таксите се очекува и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека госите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо 7. Најголемо поскапување ќе биде за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Исто така сместувањето преку „Airbnb“ ќе биде поскапено, со такса од 2 евра во зимските месеци и 8 евра во летните месеци, се очекува и зголемување на таксите за туристите кои ќе одлучат да патуваат со крстарење. Прогнозите велат дека Грција ќе биде домаќин на 8 милиони туристи во 2025 година.
Како дел од новите такси, посетителите на Санторини и Миконос ќе треба да плаќаат по 20 евра, додека за останатите острови, вклучувајќи ја и Атина, таксата ќе изнесува 5 евра на ден. За споредба, иако Миконос има само 12.000 жители, секој ден го посетуваат до 20.000 туристи, што го прави островот едно од најпопуларните дестинации.
Промените беа најавени во септември од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека се очекува приходот од зголемените такси да изнесува 600 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.
Свет
Ердоган ветува поддршка за сирискиот народ по падот на Асад

По пауза од 12 години, Турција повторно ја отвори својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе го поддржи сирискиот народ во процесот на обновување и закрепнување, оценувајќи дека Турција ќе продолжи да биде клучен фактор за стабилност во регионот.
На провинцискиот конгрес на Партијата на правдата и развојот, Ердоган истакна дека сирискиот народ извојувал значајна победа со соборувањето на режимот на Башар ал Асад. Потсети и дека Турција пред 13 години ги отворила своите граници за милиони бегалци од Сирија, обезбедувајќи засолниште за околу четири милиони луѓе кои побегнале од конфликтот.
„Турција останува како остров на стабилност среде хаосот и превирањата во регионот“, рече Ердоган, истакнувајќи ја улогата на неговата земја во решавањето на регионалните кризи.
Денеска, турското знаме повторно се вее пред зградата на амбасадата во Дамаск, лоцирана во дипломатскиот кварт. За привремен вршител на должност на амбасадор е назначен Бурхан Короглу, кој досега беше амбасадор на Турција во Мавританија.
Амбасадата на Турција ја прекина својата работа на 26 март 2012 година, поради влошувањето на односите меѓу Анкара и режимот на Асад, но со денешното отворање, активностите се официјално обновени.