Македонија
Конференција за почесни конзули на Северна Македонија во странство
Денеска и утре, во организација на Министерството за надворешни работи, се одржува конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија, акредитирани во странство. Конференцијата со почесните конзули, со свое воведно излагање, ја отворија министерот за економија, Крешник Бектеши, и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
„Економската политика на Северна Македонија е константно насочена кон подобрување на деловното опкружување, поддршка на иновациите и претприемаштвото и привлекување странски инвеститори како главни промотори на економскиот раст. Минатата година го изготвивме новиот план за економски раст, кој се темели на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Планот за економски раст содржи мерки за зајакнување на инвестициите и конкурентноста на економијата на Северна Македонија, поделени на три столба, за давање можност на приватниот сектор да ја искористи владината поддршка. Исто така, како Влада сме силно фокусирани на спроведување низа економски реформи со цел за раст на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните. Успехот на ваквите заложби го потврдува и фактот што домашниот бруто-производ во првиот квартал забележа раст од 4,1 отсто и 3,1 отсто во вториот квартал, а во исто време невработеноста се намали на 17,4 отсто. Тоа значи дека економијата е во добра насока“, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој ги информира почесните конзули за реформите спроведени во енергетиката што отвораат врати за нови големи инвестиции во енергетскиот сектор во државата. Ги повика конзулите да ги промовираат можностите што ги нуди земјата, особено во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија.
„Ние како Министерство за економија интензивно работевме и на спроведување реформи во енергетиката, со што во мај минатата година беше донесен новиот Закон за енергетиката во согласност со барањата од третиот пакет енергетски директиви на Европската Унија. Заради целосно комплетирање на ЕУ-законодавството во врска со промовирање на биогоривата и енергетската ефикасност, минатата недела беше донесен и Законот за енергетската ефикасност. Исто така, со цел поттикнување на производството на струја од обновливи извори на енергија, Владата ќе субвенционира 200 мегавати фотоволтаични централи, а веќе се објавени и првите огласи за изградба на фотоволтаици на државно и на приватно земјиште“, информира министерот Бектеши.
Министерот Бектеши ги повика почесните конзули да ѝ бидат партнери на Владата и да работат заедно на подобрување на деловната клима, што ќе значи раст на целокупната економија.
„Високо ја цениме вашата посветеност кон извршувањето на одговорните функции на почесни конзули, како и вашиот значаен придонес за заштитата на интересите на Република Северна Македонија преку давање помош на своите граѓани“, беа зборовите што заменик-министерот за надворешни работи, Жерновски, ги упати до почесните конзули на конференцијата.
„Во овие времиња тежината на една земја на глобалната арена повеќе не се мери според нејзината географска големина, туку според нејзиниот капацитет и волја ефективно да придонесува во потрагата по решенија за растечкиот број предизвици од транснационална природа, кои денес го оптоваруваат човештвото, беше истакнато во обраќањето. Економијата прераснува во главниот двигател на политичките влијанија и затоа јас ја гледам економската дипломатија како еден пристап на промена во управувањето, со цел негување поблиски односи со приватниот сектор, бизнис-заедницата и разните невладини организации како во нашата земја така и во нашите земји партнери“, нагласи заменик-министерот. Во овој контекст Жерновски посочи дека во остварувањето на оваа цел потребни ни се мислењата и тимската работа со почесните конзули, со што би ги впрегнале пошироките аспекти на нашата дипломатска дејност за промоција на трговската размена, охрабрување на економскиот раст, привлекување инвестиции и поддршка за бизнисите.
„Република Северна Македонија е отворена за бизнис“, истакна Жерновски надополнувајќи дека од страна на почесните конзули очекува дипломатската економија да биде нивниот водечки принцип на работа и дека притоа да го промовираат нашето национално реноме на слободна пазарна економија ориентирана кон извозот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

