Македонија
Димитров на состанок на ПЕС со министри од земји членки на ЕУ
Активностите на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска продолжија во Луксембург со учество на состанокот на министрите од земји членки на ЕУ, кои се дел од групата PES (Партија на европските социјалисти), кој се одржа непосредно пред почетокот на Советот за општи работи на ЕУ, а со кој претседаваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Во таа пригода министерот Димитров образложи уште еднаш зошто Северна Македонија ја заслужи одлуката за почеток на преговори со ЕУ нагласувајќи ги важноста на моментот и висината на влоговите како за земјата така и за регионалниот контекст, но и за самата Унија.
„Во моментот станува збор за одлука за Северна Македонија, земја што 14 години чека почеток на преговорите со ЕУ притоа решавајќи го невозможното на надворешен план и правејќи целосен демократски пресврт на домашен план. Но, станува збор и за политиката на проширување на ЕУ и за европската перспектива за самиот Балкан. Во суштина, станува збор за тоа дали ЕУ ќе го остави светилникот вклучен“, изјави Димитров.
Министрите присутни на состанокот ја повторија својата поддршка и изразија надеж дека ќе се постигне консензус за позитивна одлука. Сепак, ситуацијата за одлуката на денешниот министерски Совет за општи работи е неизвесна, при што не се исклучува прашањето да се префрли на Европскиот совет на шефови на држави и влади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН воведува нови стипендии, конкурсите се веќе објавени
По воведувањето на стипендии за стимулирање на средношколци за упис на прв циклус на студии по македонски јазик за тековната академска година, Министерството за образование и наука годинава исто така за прв пат ќе додели и 7 стипендии за втор и 5 стипендии за трет циклус на студиски програми за изучување на македонскиот јазик.
Конкурсите се веќе објавени.
За стипендија за втор циклус на студии чиј износ е 9.000 денари и се доделува 9 месеци во годината, можат да аплицираат државјани на Македонија кои имаат завршено прв циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на втор циклус за прв пат во академската 2025-2026 година и да не се корисници на стипендија од други даватели.
Кандидатите пак, за стипендија за трет циклус на студии чиј износ е 18.000 денари и се доделува 12 месеци во годината, треба да се државјани на Македонија со завршен втор циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на трет циклус за прв пат во академската 2025-2026 година, да не се корисници на стипендија од други даватели и да имаат две препораки од универзитетски професори.
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 9.1.2026 година.
Македонија
Карпошани учествуваат во креирање на општинскиот буџет
Во насока на поголема транспарентност при формирање на општинскиот Буџет за 2026 година, Општина Карпош од денеска започна иницијатива во која директно ги вклучи своите граѓани во планирање со овој процес. По тој повод, градоначалникот Сотир Лукровски, Секретарот на Општината Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот Христо Саракинов, денеска остварија работни средби со жителите од урбаните заедници „Кузман Јосифовски Питу“, „Пецо Божиновски Кочо“, Нерези, Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.
„Во рамки на координативните средби, граѓаните имаа можност непосредно да го информираат раководството на локалната самоуправа со нивните потреби и барања, со цел решавање на проблемите на пошироката локална заедница. На тој начин општинската администрација ги нотираше предлозите на граѓаните од овие населени места, а најприоритетните предлози ќе бидат интегрирани проекти, односно во Буџетот за 2026 година и во Програмите за работа на општинските Сектори. На самата дискусија присуствуваа и членови на Советот на Општина Карпош, кои исто така посочија на неколку акутни проблеми со кои се соочуваат жителите од урбаните населби“, соопштија од општината.
Во тој поглед, најчести забелешки од граѓаните беа упатени во врска со проблеми со фекалната и атмосферската канализација, комуналната инфраструктура, потребата од поголем број на паркинг места и реновирање на неколку сервисни улици.
„Карпошани апелираа до локалните власти да го известат Министерството за внатрешни работи, за потребата од поголемо присуство на полициските службеници на теренот, како и за изнаоѓање на соодветни сообраќајни решенија за зголемување на безбедноста на пешаците. Конкретни предлози од жителите пристигнаа и за соодветно одржување на блоковското зеленило и јавната хигиена, а повеќе забелешки од граѓаните беа упатени во насока на остварување на нивните лични права од легализација со градежното земјиште, а поврзани со актуелните детални урбанистички планови“, се наведува во соопштението.
Македонија
Василевска бара изземање на Апасиев од претседавање со Анкетната комисија за Кочани
Пратеничката од редовите на ВМРО–ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната седница на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот побараа изземање на претседавачот Димитар Апасиев од Левица.
„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа, а колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.
Василевска посочи дека според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, рече Василевска.
Апасиев и одговори на Василевска.
„Почитувана колешке, искрено се надаев дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење. Вашето правно незнаење и глума како професор по право не треба да ни го продавате како теоретски аргумент. Она што го прочитавте беше допис на Обвинителот во врска со вашата вмровска анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, гарантирана во членот 76 од Уставот. На вистината, почитувани колешки, не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој Парламент“, рече Апасиев.
Додаде дека Комисијата не врши истражни и други судски функции, но согласно Уставот, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции.
„Каква одговорност? Па се разбира дека политичка одговорност, за да немаме министер во актуелната Влада кој со службено возило оди на судење. Е, за тоа е оваа Комисија, за да утврдиме каде потфрливме ние како општество, а потоа и сите ние како пратеници”, рече Апасиев.

