Македонија
ЕБОР одржа работилница за компаниите со стока за широка потрошувачка
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со цел да им излезе во пресрет на малите и средни претпријатија (МСП), одржа работилница за начините за зголемување на конкурентноста и градењето на извозните капацитети на компаниите за стока за широка потрошувачка (СШП).
Настанот траеше половина работен ден, и успеа на едно место да ги собере претставниците на 40 локални компании и 3 меѓународни консултанти за СШП и претприемачи. Учесниците разговараа за најдобрите меѓународни пракси во индустријата, пазарните трендови и стратегиите за развој на извозот.Во секторот на СШП, доминираат МСП, кои имаат важна улога во економијата на Република Македонија. Истиот зафаќа 21,5 отсто од производните резултати и заедно со агри секторот во земјата, придонесува со околу 10 отсто во БДП.Анка Јоана Јонеску, Претставник на ЕБОР за Македонија изјави: ,,Гледаме особено голем потенцијал за идниот раст и инвестиции во секторот на стоките за широка потрошувачка. Еден од начините за поттикнување на економијата на земјата и креирањето на нови работни места, е да им помогнеме да станат поконкурентни и да ги изградат своите извозни капацитети”.Јаромир Левичек, Раководител на економскиот оддел во Делегацијата на Европска Унија во Македонија додаде: ,,Свесни сме дека компаниите имаат потреба од финансирање на нивните бизниси, но потребно им е практично знаење за подобрување на работењето и растот. ЕУ и ЕБОР креираа посебна програма за користење на финансиските инструменти, основана под Фондот за развој и иновација на претпријатијата. Нашата цел е да ја подобриме подготвеноста за инвестирање на малите бизниси, кои се носител на економијата на Западен Балкан.”ЕБОР работи заедно со ЕУ во обезбедувањето на потребните деловни советодавни услуги на МСП во Македонија. Банката ги поврзува своите клиенти со локалните консултанти и меѓународните советодавачи, кои можат да помогнат во трансформирањето на широк спектар деловни активности. Во рок од една година, преку проектот за советодавни услуги наменет за компаниите во земјата, се зголеми обртот за скоро 50 отсто, а продуктивноста забележа раст од над 50 отсто, во над 70 отсто од компаниите, кои ги прошируваа нивните бизниси. Повеќе од половина од нив, бележат значајно креирање на работните места, а над 20 отсто успеваат да обезбедат надворешни фондови за финансирање на нивниот раст. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

