Македонија
Спасовски на меѓународна конференција во Будва
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска учествува на меѓународната конференција на тема „Спречување на нечовечко постапување од страна на полиција: справување со предизвиците што произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човечки права и други институции при Советот на Европа“, што во организација на Советот на Европа денес се одржа во Будва, Република Црна Гора.
„Република Северна Македонија во последните две години направи низа важни чекори кон усогласување со стандардите на ЕУ. Правната и институционалната рамка за заштита на фундаменталните права во голема мера е воспоставена и реформите ја подобрија усогласеноста со европските стандарди за човековите права. Владата на РСМ јасно ги демонстрира својата волја и решителноста да ги спроведе и препораките на Европскиот комитет за спречување тортура и да направи напредок во спречувањето тортура и малтретирање. Северна Македонија е докажан партнер на меѓународната заедница и ЕУ. Континуирано учествуваме во работата на меѓународните тела и организации, сите регионални и европски иницијативи поврзани со борбата против криминалот, заштитата, промоцијата на човековите права и изградбата на здрави демократски општества. Решени сме и во иднина да продолжиме во тој правец давајќи максимален придонес и во меѓународните иницијативи на ова поле, а со примарна цел за уште поефикасна заштита на човековите права и особено спречувањето на злоупотребите при постапувањето од страна на полицијата“, рече Спасовски.
Тој посочи низа од досега реализираните проекти и активности на полицијата од областа на регулацијата на полициското постапување, притоа особено фокусирајќи се на тесната соработка со Советот на Европа, особено во делот на изработка на стандардни оперативни процедури на полициско постапување во согласност со полициските стандарди на ЕУ и стандардните оперативни процедури за внатрешна контрола на полициските прекорачувања и незаконски постапувања.
„Во оваа пригода сакам да истакнам дека од септември 2016 година се почна со имплементација на проектот ‘Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување’, кофинансиран од страна на Европската Унија и Советот на Европа, чија основна цел беше да се воведе ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување надворешен механизам. Во рамките на овој проект беше избран двостепен модел на надворешна контрола т.н. обвинителство плус, кој предвиде воспоставување посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, специјализирано за кривични дела сторени од страна на вработени во МВР со полициски овластувања и од припадници на затворската полиција. Како и посебно надворешно тело (тело за граѓанска контрола или модел „народен правобранител плус“), во смисол на дополнителен коректив, со надлежност да поведува постапка по барање на странката жртва или на член на неговото семејство или по иницијатива на претставници на невладиниот сектор, како и по сопствена иницијатива по добиени сознанија (допрен глас) за можни повреди на правото на живот и забрана на тортура“, потенцира министерот Спасовски.
Во тој контекст Спасовски нагласи дека од декември 2018 година почна со работа Одделението за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, кое е позиционирано во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа тој посочи дека целиот овој механизам за надворешен надзор веќе дава резултати илустрирајќи дека веќе во првите три месеци од своето формирање наведеното Одделение постапуваше по предмети против 15 лица, од кои против две лица е поведен обвинителен акт и за две лица е одреден притвор.
На конференцијата, покрај претставници на Советот на Европа и Европската Унија, присуствуваа претставници од земјите од регионот на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.

