Регион
Миков е нов лидер на бугарските социјалисти
Бугарската социјалистичка партија (БСП) во неделата навечер го доби новиот челник, откако на 48-от партиски конгрес во Софија од вкупно 762 делегати 377 се изјаснија за 54-годишниот Михаил Миков, додека 333 гласале за противкандидатот 38-годишниот Драгомир Стојнев, досегашен министер за економија и енергетика.
Актуелниот претседател на заминување на 42-от состав на Народното собрание (парламентот), ќе има тешка задача да ја подготви партијата за предвремените парламентарни избори во екот на политичката криза во Бугарија по оставката на владата која беше поддржана од БСП. Михаил Миков доаѓа на местото на Сергеј Станишев, кој, пак, е актуелен претседател на Европската социјалистичка партија (PSЕ).Станишев претседателската должност во партијата ја напушти по лошите резултатите на БСП на европските избори во мај, по што се затегнаа односите со партнерите во малцинската влада на премиерот Пламен Орешарски.Бугарскиот парламент во четвртокот, како и што се очекуваше, ја потврди оставката на владата со што овозможи распишување на предвремени парламентарни избори коишто ќе се одржат на 5-ти октомври.„Ќе биде тешко, но заедно со сите, со оние коишто ме поддржаа и со другите кандидати, ќе постигнеме резултат достоен за 120-годишната партија, за партијата којашто најискрено и најавтентично ги застапува интересите на мнозинството бугарски граѓани. Зашто Бугарија има прави на поинаква иднина, зашто политичарите за еднократна употреба не можат да бидат тенденција во новата политичка историја на Бугарија“, рече по изборот Миков порачувајќи дека БСП „заслужува да биде најсилната партија, којашто ќе ја води Бугарија во 21-от век“. Притоа му се заблагодари на својот претходник Сергеј Станишев во чија влада од април 2008 до јули 2009 година ја извршуваше должноста министер за внатрешни работи.Михаил Миков, избиран за пратеник во последните пет состави на бугарскиот парламент, е постар асистент по кривично право на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, а специјализирал на човекови права во Монпелје (Франција), оданочување во Вашингтон (САД) и антикорупциски практики во Италија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

