Македонија
Професионалните војници ќе склучуваат договори на четири години

Владата го утврди прездлог-законот за изменување и дополнување на Законот за службата во АРМ и донесе одлука да биде доставен до Собранието со цел да се овозможи иден развој на Армијата заснован на висококвалитетни кадри, лични и професионални вредности на персоналот, висок морал и стандард, со цел создавање aрмија оспособена за извршување на зададените одбранбени мисии и задачи.
Во предлог-законот се вградени проширување и допрецизирање на должностите што се сметаат како должности во вршење служба во Армијата во согласност со потребите и барањата на НАТО, со кои се уредува дека како служба во Армијата се смета и учеството во меѓународни операции, мисии и операции на Организацијата на Северноатлантскиот договор – НАТО. Со предложените измени и дополнувања се уредува и правото на стаж на осигурување со зголемено траење за целокупниот активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, како и можност за стипендирање кадри за критични специјалности за потребите на Армијата за кои има недостиг.
Со предложените измени се продолжува времетраењето на договорот, кој Министерството за одбрана го склучува со професионалните војници, од три на четири години заради обезбедување соодветна пополна на командите и единиците на Армијата во согласност со потребите за менаџирање со персоналот, како и обезбедување оптимално водење во кариера за време на вршењето служба во Армијата, со уредување на начинот на оценување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата во согласност со НАТО-регулативите за унапредувањето офицери и подофицери во непосредно повисок чин во согласност со стандардите на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицевски: Со молкот Филипче призна, тој стои зад тепачот Акиов од Кочани

Венко Филипче со денови молчи и не смее да побара оставка од советникот тепач од Кочани, кој повреди вработена во општина Кочани во текот на неговото дивеење на седницата на Советот минатата недела, изјави Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата тврди дека Акиов е човек од доверба на експремиерот Зоран Заев, а планот Акиов да почне со правење на тензија и ескалација на состојбите во Кочани го дал токму тој, на состанокот со Филипче во Дубаи.
„Филипче само спроведува тоа што Заев му кажал. Венко Филипче не смее да побара оставка од тепачот Акиов затоа што истиот може лесно да каже по чија наредба делувал. Планот на Заев пропадна, Филипче не успеа да ја зоврие состојбата во Кочани до ниво на ескалација. Тоа што Заев и Филипче, не се откажуваат од тепачот Акиов, е јасен знак дека обидите за ескалација во иднина ќе продолжат“, рече Мицевски.
Партијата ги повика сите граѓани и општествено политички чинители, да не наседнуваат на пропаднатите обиди на Заев и Филипче да се спасат политички преку сеење омраза и страв кај народот во Кочани. Се вели дека обидите им се јалови.
Македонија
Филипче: Младите не смеат да ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Во обраќање пред младите социјалдемократи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја осуди, како што рече, неодговорната и корумпирана власт која ја задолжила Македонија со над 7 милијарди евра, без отчет и без развој.
„Страшно ми е што сите вие, младите, па дури и вашите неродени деца треба да враќаат седум милијарди евра коишто се земени на којзнае каков, на сомнителен начин. Тоа е недозволиво“, рече Филипче.
Тој нагласи дека младите немаат никакви реални можности во сопствената држава, дека системот е нефункционален и дека сè почесто единствен услов за вработување е партиска книшка.
„Целосно неодговорна власт. Ниту има опции, ниту има можности, ниту има какви било индикатори за светла и добра иднина на младите. Единствено нешто што треба да имате е партиска книшка. Тоа значи дека сценариото е – да добиете работа со купена диплома, без полагање англиски, со документ од студиото Јулија од Бугарија. И никому, ама баш никому, око да не му трепне“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
ДУИ: Ја поддржуваме заложбата на САД и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и ја поддржува координираната заложба на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје во рацете на авторитарни режими, соопштија од партијата.
„Последните случувања покажуваат дека демократскиот свет не може да стои со скрстени раце пред заканата од нуклеарно вооружен Иран, кој би претставувал директна опасност за глобалната безбедност, мирот во регионот и правата на милиони невини граѓани. ДУИ стои цврсто на страната на евроатлантските вредности: спречување на нуклеарни закани, заштита на мирот и зајакнување на меѓународниот систем заснован на правила и одговорност“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, ова е време кое бара решителност, координација и зрелост.
„ДУИ ја повторува својата посветеност на мирот, колективната безбедност и непоколебливото партнерство со САД, НАТО и Европската Унија“, велат од партијата.