Македонија
„Левица“: Владата иницира нова еколошка катастрофа во Пелагонија
„Левица“ предупредува дека на пелагонискиот крај му се заканува нова еколошка катастрофа, откако, како што велат од партијата, Министерството за економија објави неколку јавни повици за доделување концесии за геолошки истражувања на минерални суровини.
„Предмет на јавниот повик 3/2019 е доделување на концесија за детални енергетско-геолошки истражувања, односно за ископ на јаглен во период од шест години. Станува збор за локалитетот ‘Забрдо’ во Општина Новаци, а судејќи според досегашната практика, по овој повик следи и доделување на долгорочна концесија за ископ на јаглен. Ова практично значи дека населените места во општина Новаци, Битола и околината добива уште еден извор на загаден воздух и потенцијален причинител на канцерогени заболувања“, се наведува од „Левица“.
Оттаму додаваат дека наместо инвестирање и поттикнување на создавање енергија од алтернативни, еколошки извори, ова е доказ дека Владата и натаму планира ископ на јаглен во Пелагонија и користење на традиционални, високозагадувачки начин на создавање на електрична енергија. Со ова, според „Левица“, не само што се загадува воздухот преку пепелта која потоа небезбедно се складира од РЕК Битола, туку и дополнително се уништува квалитетот на земјоделските површини во околината, но и долгорочно се уништува аграрниот потенцијал на овој регион.
„За истата општина, Министерството за економија распиша уште еден повик за доделување на концесија, но овој за експлоатација на минерална вода и CO2. Локалитетот се наоѓа во близина на селата Брод и Бач и концесијата е на неверојатни 30 години! Во повикот 2/2019 се предвидува доделување концесија за детални геолошки истражувања за ископ на мермер во близина на селото Ореовец. Со ова ќе продолжи масовната експлоатација на мермерот во близина на Прилеп од што државата има минимални бенефити“, соопшти партијата.
Изминативе нешто повеќе од 20 години како да не беше доволна експлоатацијата и уништувањето на огромни површини за ископ на мермер, па очигледно дека Владата дава „амин” за целосно уништување на околината на Плетвар, велат од „Левица“.
„Последниот повик се однесува на уште еден локалитет во општина Прилеп. Станува збор за локалитетот ‘Краста’ во близина на селото Бешиште каде се доделува концесија за минералната суровина варовник за период од две години. Не само што нема план и намера за заштита на природните ресурси на земјата, Владата, предводена од Зоран Заев има намера во целост да ги уништи и распродаде сите природни богатства заради нечии профити, на ист начин како што бесрамно тоа го направи со уставното име и националните интереси“, се додава во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени
ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, со поддршка на Горан Герасимовски за втор градоначалнички мандат
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова, денеска даде поддршка за втор градоначалнички мандат на Горан Герасимовски, којшто воедно е и актуелен градоначалник на Општина Центар.
Таа, потенцира дека сега е моментот да се изберат резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања, токму затоа ја дава поддршката на Горан Герасимовски, кој, според Зајкова, ја препознава граѓанската визија, има искуство и е подготвен да работи посветено за доброто на заедницата.
„Одејќи накај Собрание (бидејќи работиме на новиот Предлог- закон за комунална полиција), наидов на предизборните активности на кандидатот за градоначалник на општината во која живеам. Водејќи се од визијата дека на граѓаните им се потребни искусни луѓе кои испорачуваат резултати, а не изговори, упатувам особен повик до сите граѓани кои во првиот круг гласаа за кандидати кои не влегоа во вториот круг: Поддржете кандидат кој ги разбира вашите потреби, кој со своето искуство и посветеност ќе испорача повеќе резултати и веднаш ќе започне со работа – со завршување на започнатите проекти и реализација на нови решенија во интерес на сите нас. Затоа давам поддршка за луѓе како Горан – кои ја препознаваат граѓанската визија, имаат искуство и се подготвени да работат посветено за доброто на заедницата. Сега е моментот да избереме резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања“, напиша Зајкова, на својата објава на Фејсбук.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла

