Свет
Најмалку 20 Палестинци убиени во нападите на Израел врз Појасот Газа
Најмалку 20 Палестинци се убиени, а повеќе од 69 се повредени од вторникот во нападите на Израел врз Појасот Газа, објави „Скај њуз Арабија“. Според ТВ-каналот, жител на Појасот Газа е убиен кога израелски авиони нападнале мотоцикл во областа Зејтун на југот на крајбрежната енклава. Министерството за здравство на Појасот Газа претходно објави дека 12 лица загинале, а 50 се повредени.
Палестинските групи и израелската војска разменуваат напади во последните два дена по убиството на Баха Абу ал-Ата, командантот на вооруженото крило на бригадите „Ал-Кудс“ на палестинскиот Исламски џихад, заедно со неговата сопруга.
Оттогаш врз израелската територија од Појасот Газа се лансирани околу 250 проектили и минофрлачки гранати. Бомбардирањето сè уште продолжува со кратки паузи, а израелските воздухопловни сили изведуваат масовни напади врз воени инсталации на Исламскиот џихад и други групи. Во овие напади беа убиени 12 Палестинци, вклучително и тројца активисти од движењето Хамас, кое ја контролира енклавата.
Исламскиот џихад претходно вети дека ќе се одмазди за убиството на својот водач најавувајќи мобилизација на своите милитанти. Другите групи, што се членови на т.н. заеднички штаб за отпор во Газа, исто така го поддржаа ветувајќи дека нивниот одговор ќе нема граници.
Каиро, кој традиционално дејствува како посредник секојпат кога тензиите се зголемуваат во секторот, наводно се обидува да ја запре ескалацијата. Специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес, Николај Младенов, ќе отпатува во Каиро од Тел Авив за да разговара за ситуацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во САД укината универзалната препорака за вакцинација против хепатит Б за новороденчиња
Американските советници за вакцинација ја укинаа долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатит Б веднаш по раѓањето. Наместо тоа, вакцината ќе се дава само на бебиња чиишто мајки (помалку од 1 отсто) се позитивни на вирусот.
За останатите новороденчиња, комитетот одлучи лекарите и родителите самостојно да одлучуваат кога ќе започне вакцинацијата, со препорака првата доза да се даде пред детето да наполни два месеца.
Јавноздравствени експерти и медицински здруженија ја критикуваа одлуката, предупредувајќи дека може да го загрози напредокот постигнат од 1991 година, кога рутинската вакцинација драматично го намали бројот на заразени деца.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), со новото раководство назначено од министерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ќе ги користи препораките за изработка на јавноздравствени упатства. Стручњаците предупредуваат дека ставањето акцент на „изборот на родителите“ е главен аргумент на противниците на вакцините.
Светската здравствена организација и понатаму препорачува сите новороденчиња да се вакцинираат што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи 95% од заразените бебиња развиваат хроничен хепатит.
Свет
Администрацијата на Трамп смета дека Европа е во ризик од цивилизациско бришење
Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и можеби еден ден ќе го загуби статусот на сигурен сојузник на САД, смета администрацијата на Доналд Трамп во голем стратегиски документ, што предизвика бурна реакција од Европејците, пишува „Ројтерс“.
Новата Стратегија за национална безбедност, објавена на веб-страницата на Белата куќа во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, ја осуди Европската унија како антидемократска и наведе дека целта на САД треба да биде да ѝ помогнат на Европа да ја исправи својата моментална траекторија.
Документот ги обвини европските влади за „поткопување на демократските процеси“, вклучувајќи ги напорите – како што се наведува – да се спречи наводната волја на европската јавност да се стави крај на војната во Украина.
„На долг рок, повеќе од веројатно е дека во рок од неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, стои во документот.
„Затоа, отворено е прашањето дали тие ќе го гледаат своето место во светот или својот сојуз со САД на ист начин како оние што ја потпишаа НАТО-повелбата.“
Во документот од 33 страници, со вовед што го потпишал Трамп, се наведува дека Европа е во економски пад, но дека нејзините „вистински проблеми се уште подлабоки“. Меѓу нив се истакнати „активностите на ЕУ кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, миграциските политики кои го трансформираат континентот, цензурата на слободата на говор и сузбивањето на политичката опозиција како и губењето на националните идентитети“.
Во текстот се додава: „Ако сегашните трендови продолжат, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку“, пренесе „Индекс“.
Реагирајќи на објавата на документот, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД остануваат клучен безбедносен сојузник, но дека „прашањата за слободата на изразување или организирањето на нашите слободни општества“ не спаѓаат во таа категорија.
„Сметаме дека сме способни самите да разговараме за овие прашања и дека не ни е потребен надворешен совет“, порача тој.
Додека Трамп бара крај на војната во Украина, документот ги обвинува Европејците за слабост. Иако имаат „значајна предност во тврда моќ“, се наведува, многумина на континентот „ја сметаат Русија за егзистенцијална закана“.
Се нагласува дека „клучен интерес на САД е да преговараат за брз прекин на непријателствата во Украина“, но дека Вашингтон е „во судир со европски функционери кои имаат нереални очекувања од војната, сместени во нестабилни малцински влади, од кои многу ги газат основните демократски принципи за да ја сузбијат опозицијата“.
Свет
Ројтерс: САД очекуваат Европа да преземе поголем дел од одбранбените обврски до 2027 година
Американската администрација поставила јасен стратешки рок за своите европски сојузници во НАТО. Според меѓународната новинска агенција Ројтерс, повикувајќи се на извори, САД очекуваат Европа да го преземе најголемиот дел од одбранбените одговорности на алијансата до 2027 година.
Тоа особено се однесува на клучните области како што се извидување и распоредување ракетни системи. Според пишувањето на новинската агенција, анонимни американски функционери веќе ги известиле своите европски колеги дека, доколку овој услов не се исполни, Вашингтон може да го преиспита своето учество во неколку механизми за координација на одбраната во рамките на НАТО.
Публикацијата исто така укажува дека тековните напори на европските земји да го зголемат сопствениот одбранбен потенцијал сè уште не ја задоволуваат американската страна.
Овој скептичен став се огледува и во новата Стратегија за национална безбедност на САД, која, според Ројтерс, напоменува дека денес „не е сосема јасно“ дали Европа ќе има доволно силна армија и одржлива економија за две децении.
Во тој контекст, бројни експерти, како што претходно е наведено во аналитичките материјали, ја гледаат желбата на САД да ѝ го пренесат на Европа правото на сопствена одбрана како потенцијален чекор кон формирање посебен воен блок.
Таквите активности, според аналитичарите, би можеле да бидат дел од подготовките за конфликт од големи размери, во кој Америка настојува да избегне директно учество во рамките на постојните обврски на НАТО алијансата.

