Македонија
Жерновски: Добиваме нови 6 милиони долари по основ на сукцесијата од поранешна СФРЈ
По четиригодишна пауза, денеска, во Загреб, се одржа 5. состанок на Постојаниот мешовит комитет за примена на Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, на која високите претставници од државите сукцесори ја анализираа примената на сите анекси што се составен дел на Спогодбата и ги разгледаа другите релевантни прашања во врска со овој процес, а особено прашањата за поделба на средствата во мешовитите банки.
На овој состанок учествуваше заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој е назначен за висок претставник на Република Северна Македонија во овој Комитет.
Високите претставници од државите сукцесори, застапувајќи ги интересите на своите држави, настојуваа на состанокот да се постигне консензус за секое од прашањата кои беа предмет на дневниот ред, утврден со правилникот за постапување на Комитетот. Жерновски на состанокот го изнесе интересот на Република Северна Македонија за доследна примена на претходно усвоените препораки на овој Комитет инсистирајќи да се забрза процесот на поделба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, потоа да се разгледаат и да се уредат прашањата со распределба на финасиските обврски и побарувања на поранешна СФРЈ, да се интензивира процесот на поделба на архивите, како и генерално да се унапреди и забрза работата на овој Комитет како надлежен за ефикасна имплементација на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.
Жерновски истакна дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ. Република Северна Македонија очекува добивка од речиси 4 милиони САД долари од продажбата на објектот на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, објектот на Амбасадата на СФРЈ во Бон, Берн и Мисијата на СФРЈ во Њујорк.
„Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В за поделба на депозитите во Адрија банка во Виена. Учеството на Република Србија во депозитите е намалено од 38 на 20 отсто на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа банка. Република Северна Македонија се очекува да добие речиси 2 милиона долари од оваа распределба“, изјави Жерновски.
По предлог на македонската делегација, Постојаниот мешовит комитет на овој состанок усвои неколку препораки до владите на државите сукцесори поврзани со активностите што треба да се преземат заради унапредување на примената на Спогодбата за прашањата на сукцесијата. Воедно, се постигна согласност следниот состанок на Постојаниот мешовит комитет да се одржи во јуни наредната година во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

