Македонија
Мајката на Пино: Го убиле и го оставиле животните да го јадат

Да не бевте вие, немаше да бидеме тука. Тие четири коски што останаа и тие немаше да се најдат. Моето дете го закопав во кутија од 58 сантиметри, на 27-28 сантиметри широчина. Тоа не е тело, тоа се коски, ова го изјави мајката на убиениот Пино Секондо, Маја Трпковска.
Мајката револтирана од одлагањето на денешното судење рече дека ѝ е срам што е Македонка и што шест месеци додека обвинетата седела дома, таа одела и плачела по улиците.
„Зошто да трошиме државни пари да ја судиме кога таа самата си призна вина? Го убиле, го оставиле животните да го јадат“, рече Трпковска.
Мајката на Пино рече дека е свесна оти што ѝ да се случи, нејзиното дете нема да се врати.
Во Кривичниот суд утрово беше одложено судењето за убиениот Пино поради тоа што адвокатот на обвинетата Ангела Ѓорѓиевска побара време за увид во доказите.
Убиството на Пино се случи на 11 декември 2018 година. Кобната вечер обвинетата Ангела го намамила Пино да дојде кај насипот во населбата Ѓорче Петров.
Кога пристигнал, таму бил веќе дојден осомничениот за убиството, Али Фуркан, кој носел пушка. Фуркан го оставил возилото „опел аскона“ и со „шкодата“ на Пино се упатиле преку обиколницата до Арачиново.
Таму застанале во една нива и првин се карале по што почнала тепачка, а во еден момент Фуркан со пушката го застрелал Пино во главата.
Мајката на Пино Секондо, Маја Трпковска, со месеци трагаше по синот, а скелетот беше случајно пронајден на крајот на април годинава. Осомничениот Фуркан е во бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)
Македонија
Муцунски во Стразбур: Потврдена посветеноста за унапредување на демократијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стразбур, денеска оствари одвоени средби со Генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Шацивасилиу, и со Вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (CEB), Томаш Бочек.
На средбата со Генералниот секретар Деспина Шацивасилиу беше потврдена посветеноста на Република Северна Македонија за унапредување на демократијата, владеењето на правото и човековите права, како и активното учество на нашата држава во рамки на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Со Вицегувернерот Томаш Бочек беше нагласена континуираната поддршка и конструктивната соработка со Банката за развој на Советот на Европа преку реализираните проекти на CEB во Северна Македонија. Воедно, беа разгледани конкретните можности за понатамошно продлабочување на оваа соработка во контекст на европската интеграција и регионалната стабилност.