Македонија
Алими : Не верував дека луѓе со интегритет во СЈО ќе ја злоупотребат положбата
Адвокатот на Ејуп Алими, Мефаил Арслани, го повлече предлогот до судот во предметот „Титаник 3″ да биде испитан неговиот клиент.
Обвинитеката Фатиме Фетаи побара од судот да се прочита исказот на Алими даден како осомничен. Алими потоа стана и рече дека на испитувањето немало записничар, а со обвинителот правеле слободен муабет.
„Ако го имате тоа, согласно цел буџет што го трошите, барајте како било тоа направено. Вие ми кажавте дека сум дојден во својство на сведок. Ги злоупотребувате другите сведоци. Кога бев повикан како сведок, немаше записничар или друг човек. Само таа и јас и слободен муабет. Јас го добив документот. На ѕид ги потпишав документите од СЈО”, рече Алими. Тој говореше дека не верувал оти луѓе со интегритет во СЈО ќе ја злоупотребат положбата.
Во „Титаник 3“, кој е пред пресуда, обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен е Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на иселеници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози.
За неа, стратегијата е пресвртница во националната политика и сериозен обид за зајакнување на односите со дијаспората. Таа укажа дека за успех на стратешките определби е потребна централизирана интерсекторска координација, како и соодветна финансиска поддршка, како гаранција за одржливост на предвидените мерки и активности.
Претседателката ја посочи успешната стратегија на Црна Гора во соработката со дијаспората, гарантирана со Законот за дијаспора. Во уставната гаранција на грижата за положбата и за правата на нашите иселеници, таа препознава голема предност.
Според неа, нам ни е потребен Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на нашите иселеници, нивниот профил, времетраењето на престојот итн.
Меѓу останатото, таа укажа и на потребата од преиспитување на решенијата од Изборниот законик и овозможување на иселениците да го уживаат нивното уставно загарантирано избирачко право.
Претседателката цврсто верува дека нашата дијаспора може да биде исклучително важен ресурс за македонскиот економски, образовен, научен и културен развој.
Македонија
ДСЗИ нареди вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето „Димо Хаџи Димов“
Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.
Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, рече дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје за пројавени стомачни тегоби кај ученици од ова училиште, на терен се врши вонреден и координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и со ЦЈЗ Скопје.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.
Во врска со неофицијални информации дека можеби водата е причината за стомачните тегоби кај децата, Лазов вели дека за водата не е надлежен ДСЗИ.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.
Андоновска кажа дека екипата се уште е на терен и дека се работи за анализи кои треба да потраат.
„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.
Андоновска кажа дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.

