Македонија
Алими во сведочењето во СЈО: Ја чекав сопругата во ходникот, не уништував изборен материјал

На изборите во 2013 година обвинетиот координатор на ДУИ, Ејуп Алими, на записникот даден во ноември 2016 година во СЈО изјавил дека тој ден кога било гласањето ја чекал сопругата, која била претседател на избирачки одбор, и се поздравил со присутните, а не влегол воопшто во просторијата за статистика.
„Мојата сопруга Јетмире беше претседател на избирачкиот одбор во општина Чаир. Ја чекав сопругата во холот од 15 до 20 минути дури не заврши. Не влегов во просторијата за статистика. Не сум разговарал со никого од Општината”, изјавил Алими на записник, кој лично го потпишал и кажал дека нема забелешки на записникот.
Претходно во судот рече дека немало записничар и дека биле само тој и обвинителката Фетаи.
На следното рочиште во декември во видеоконференциска врска треба да сведочи клучен сведок на СЈО од Германија, кој судот се мачеше со месеци да го обезбеди.
Во „Титаник 3“, кој е пред пресуда, обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал. Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. На двајцата обвинети им се закануваат најмалку по пет години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Саид Ал-Хајарин: Единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Рашид бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност во aмбасадата на државата Катар во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупниот развој на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова изрази подготвеност и отвореност за нивно зајакнување и унапредување. Според неа, единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика.
Одбележувањето на три децении дипломатски односи следната година, според претседателката, е добра можност за интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво, со очекувано позитивно влијание врз развојот на односите во енергетиката, градежништвото, земјоделството, образованието, културата, науката и туризмот.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот за унапредување на економската и трговската соработка и ја посочи отвореноста за директни инвестиции од Катар. Таа изрази очекување за наше вклучување во проектот за извоз на природен гас од Катар, како и за повторно воспоставување на директна авионска линија Скопје-Доха.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, при што се истакна важната улога којашто Катар ја има во напорите за обезбедување мир и стабилност во регионот.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачена покана од неговото височество шеик Тамим Бин Хамад Ал-Тани, емир на Државата Катар, за учество на Вториот светски самит за социјален развој што ќе се одржи во Доха во ноември, клучна платформа за глобален дијалог и соработка за општествен напредок во време на растечки нееднаквости, демографски промени и брза технолошка трансформација.
Македонија
До 15 септември сите службени возила ќе имаат таблици во боја

Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Од СОЗР појаснуваат дека целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила.
Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.
Македонија
Со 71 глас „за“, изгласана интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви.