Македонија
(Видео) Бучковски: Ги победивме Михајло, Филимена, судиите и обвинителите кои решија на наш грб да прават кариера
Во завршниот збор на експремиерот Владо Бучковски за предметот „Тенковски делови”, рече дека воделе 4:0 и победата била на дофат, но Скопското обвинителство, кое го претставува обвинителот Анел Фидоски, наместо да го повлече обвинението, само го прецизирало обвинителниот акт и не им дозволило да докажат дека не се виновни.
„Ги победивме креаторите. И Михајло и Филимена и судиите и обвинителите, кои решија на наш грб да прават кариера”, рече Бучковски.
Поранешниот премиер Бучковски, како што кажа, во политички монтираниот случај, учествувале уставната судијка Вангелина Маркудова и претседателот на Советот на јавни обвинители, кои биле наградени, а настрадала тогашната апелациска судијка Виолета Дума, која беше разрешена.
Бучковски во завршниот збор кажа дека се докажало дека нема дело и дека и Апелациониот и Врховниот суд во одлуките ја напишале ослободителната пресуда.
„Сакам јавно да изразам негодување за начинот на кој Обвинителството им се закануваше на останатите четворица обвинети”, рече Бучковски.
„По налог на Михајло и Филимена, некој тргна политички да ја пресече главата на Бучковски и како трофеј да ја прикаже на Илинденска во 2007 година. Другите четворица се овде зашто не прифатија лажно да сведочат. Бевме тормозени, но не се предадовме”, говореше Бучковски со висок тон пред судот.
Тој кажа дека се докажало оти во 2001 година постапката за набавка на тенковските делови се водела во согласност со процедурите и немало ниту штета, ниту умисла. Експремиерот Бучковски спомна дека 13 години биле судени врз основа на лажен исказ на генерал-специјалист интендант за ѕиври, паштети и месен нарезок.
„Ова ќе биде одлична алатка на пет судии и јавни обвинители. Ќе ја продолжам битката за правда и ќе ги обелоденам сите имиња кои ја злоупотребија службената положба и овластување”, кажа поранешниот премиер во завршниот збор и наведе дека со судска одлука за порамнување државата и МЗТ уште пред многу години го затвориле случајот.
Завршни зборови дадоа и обвинетите и нивните адвокати и најавија дека ќе бараат трошоци за постапката.
Судот донесе одбивателна пресуда за сите обвинети во случајот.
Предметот неколкупати беше враќан на повторно судење. Врховниот суд во 2016 година го прифати барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Тенковски делови“ и по извршената ревизија ги укина претходно донесените пресуди и наложи судската постапка да се врати од почеток.
Случајот датира од 2001 година кога Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата МЗТ ФОП нарачале резервни делови за тенковите „Т 55“.
Обвинителството во јули 2007 година покрена обвинение со кое се тврдеше дека експремиерот Владо Бучковски, поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски и уште неколкумина вработени во Министерството за одбрана и за директорот на МЗТ ФОП, ги злоупотребиле своите позиции и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од приближно 150 милиони денари или околу 2,5 милиона евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

