Македонија
(Видео) Љутков: Дивеењето на „шверцерите“ во МНТ го понижува трудот на актерите

Целата македонска јавност е згрозена од синоќешниот вандализам и поганење на Македонскиот народен театар. Болно е за Заев и неговите соработници тоа што со секој изминат ден сè повеќе се гледа нивната неспособност нешто да изградат, но недозволиво е поради тоа да сквернават сè што некој друг пред нив изградил, обвини актерот Зоран Љутков.
„ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува вандализмот и хулиганството од страна на група граѓани во МНТ. Снимката што излезе во јавноста, а од која се гледа како се оштетува имотот на МНТ, е срамна и доказ дека со оваа власт е пробиено дното. МНТ е институција за одржување театарски претстави и културни собири, а не сцена за дивеење на навивачки групи.
Директорот на МНТ мора да одговори како можел да дозволи изнајмување на Театарот на навивачка група и по кој основ е издаден Театарот, колку е платено за неговото издавање и руинирање и дали воопшто е платено? Како може да се издава Театарот само со јавување на телефон, па нели има правилник и процедура за тоа, и на крајот – кој ќе сноси одговорност и кој ќе ја плати штетата? И зошто никој од обезбедувањето не реагира кога поединци почнаа да дивеат и да се качуваат на седиштата. До каде оди лудилото на оваа власт!?
Одговорност мора да има и од заменик-министерот за култура, министерот за култура, националниот координатор за култура, како и советниците за култура на Зоран Заев. Со овие луѓе на чело културата одамна е пропадната.
На местото каде што во петокот вечерта се дивееше големите имиња на македонскиот театар поминуваат часови, денови и месеци во проби и претстави. Творат и работат. Ова е потценување и понижување и на нивниот труд. МВР мора најбргу што може да ги пронајде сторителите на вандалскиот чин и да ги казни во согласност со законот. Сè друго ќе биде само потврда дека овој вандалски чин е свесно организиран. И за едно сте во право, господине премиере, манифестацијата и не била баш културна“, порача Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Тошковски од Охрид: Поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите

Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Притоа ги посети на терен и полициските службеници од СВР Охрид кои патролираат со велосипеди низ градот, како и српските полициски службеници кои и оваа година учествуваат во заеднички патроли во текот на туристичката сезона.
„Во пикот на летната сезона, кога бројот на туристи и возила е драстично зголемен, МВР презема координирани мерки и динамички го адаптира полициското присуство. Во СВР Охрид веќе функционира засилен состав, преку распоредување на полициски службеници и од други сектори, што придонесува за ефикасна покриеност на целиот регион и зачувување на стабилната безбедносна состојба.
Во делот на граничното управување, РЦ за ГР Запад бележи континуирано подобрување на оперативната ефикасност. Податоците покажуваат позитивен тренд во откривање кривични дела, подобра организација на протокот на патници и одржување на стабилен ритам на граничниот сообраќај дури и во најоптоварените часови“, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека Охридското Езеро годинава е покриено со значително повисок степен на полициско присуство.
„Обезбедена е поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите, а резултатите од контролните активности покажуваат подобри ефекти од претходните сезони. Видливоста на полицијата во градското подрачје е исто така засилена. Патролите на велосипед, веќе препознатлив белег на СВР Охрид, придонесуваат за побрзо реагирање, директна комуникација со граѓаните и чувство на поголема сигурност во јавниот простор. Присуството на српските полициски службеници, како дел од мешовитите патроли и годинава се потврдува како успешна пракса што позитивно влијае врз перцепцијата на безбедност кај туристите. Иако е зголемено присуството и делувањето на сообраќајната полиција, сепак бројот на жртви во сообраќајни незгоди покажува дека безбедноста во сообраќајот бара посистемски пристап, со силен акцент на превентивни, едукативни и инфраструктурни мерки“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заклучувајќи дека МВР функционира со зголемена ефикасност, подобра координација и подготвеност да одговори на зголемените предизвици, резултатите се видливи, напредокот е реален, обврска што продолжуваме да ја исполнуваме професионално, посветено и со јасна цел за создавање побезбедна држава.