Македонија
(Видео) Ласовска: Полициски службенички цела година биле малтретирани од надредено лице, а властите не презеле ништо
Власта на Зоран Заев е нефункционална и не може да ги заштити ниту жените вработени во МВР и Армијата, а не, пак, и другите. Неспособноста и лицемерството на власта и на Заев најдобро се гледаат кога ќе се чујат нивните изјави поврзани со борбата против насилството врз жената. Како и за сè друго, Заев ветува, се колне, а не презема ништо. Сè е една голема лага и измама, порача претседателката на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.
„Шест полициски службенички цела година биле вознемирувани, психички и сексуално малтретирани од страна на надредено лице, а властите не презеле ништо да ги заштитат жртвите. Сексуално вознемирување и мобинг врз жена на прагот на третата деценија на 21 век е недозволиво и треба да подлежи под најстроги санкции.
Нефункционалноста на власта си ги зема своите жртви. Функционерите во МВР, наместо да работат, вршат сексуално насилство врз своите колешки. Зоран Заев и врвот на власта носат директна вина за оваа случка, во која страдале нечии ќерки, сопруги и мајки. Зоран Заев и луѓето околу него го поставиле и именувале лицето што ја злоупотребило својата положба и сексуално малтретирало подредени.
Заканувачот се заканувал со зборовите:
„Оди си сега, гледам, уплашена си, ама знам дека и ти сакаш и пази за ова што ти го нудам да не си кажала на никој зошто не можеш да замислиш што ќе ти направам и кој сум јас“. Ова се зборови на личност што се чувствува заштитена од власта.
Зоран Заев и врвот на власта треба да одговорат дали заканувачот е близок до еден градоначалник на една скопска општина и дали ја ужива заштитата на министерот? Доколку да – дали неговата блискост му овозможила да малтретира свои колешки!?
ВМРО-ДПМНЕ бара во најкраток можен рок сторителот да биде изведен пред лицето на правдата и да се соочи со соодветна казна. Злоупотребите на позициите мора да запрат. Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има одговорност за сите злоупотреби, насилство и мобинг. Истовремено, им даваме силна поддршка на жените жртви на овој брутален чин да истраат во борбата против сторителот и ги повикуваме надлежните институции во најкраток можен рок да преземат мерки против сторителите. Насилство врз жените е недозволив акт во 21 век“, порача Ласовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

