Македонија
Заев: Ќе победиме на следните избори со разлика од 120.000
Со разлика од 60.000 до 120.000 ќе ве победиме на следните парламентарни избори идната година, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање дали ќе се повлече од политиката и од лидерската позиција во партијата, ако не победи на парламентарните избори идната година.
„Тоа ќе се случи не затоа што сум прогнозер, туку заради вашите политики, а заради искрените, чесните, одговорните и храбрите политики на оваа Влада, заради слободата и демократијата што ја овозможивме. Ако ги гледате сите тие анкети и анализи, дури и тие на вашите институти, 100 проценти“, оцени премиерот Заев, и истакна дека голем број гласачи се „ежат од помислата дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт поради нивната покажана ароганција, дрскост, безобразие, закана. Кому му треба тоа? Луѓето сакаат транспарентност, одговорност, прифаќање на одговорност. Нашите анкети покажуваат дека победуваме, вашите не знам што ви покажуваат. Јас ви покажувам какви ќе бидат резултатите на изборите“, рече од собраниската говорница премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Заев нагласи дека неговата е демократска партија и дека дали ќе биде мандатар за премиер на следните избори ќе одлучи Централниот одбор и Конгресот на партијата.
„И да, јас ќе бидам кандидат за премиер. Дали ќе бидам ‘шпицен’ кандидат? Ќе бидам и центарфор и лево и десно крило. Ќе играм на сите позиции. Затоа што во вакви околности, на вакви политики, на храбри политики, интегрирана држава, пријател со сите соседи, земја поддржана од целиот свет, со економски политики што растат, имаме сериозно очекување да имаме убава разлика и победа за да добиеме уште еден цел мандат “, додаде Заев.
На прашањето дали ќе прифати ТВ-дуел со опозицискиот лидер, на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев одговори потврдно, дека е подготвен во секое време да одговори на такви покани.
„Не поминуваат национализми, голи популизми, закани за уништување на преспанскиот договор. Кажете го вашиот став по ова прашање, немавте храброст, ве повикувавме да се приклучите во донесувањето на големите одлуки. Кажете го вашиот став, дали ќе го поништите преспанскиот договор, да знае народот. Се одговара тоа прашање, тоа се кажува на ТВ-дуел“, рече претседателот Заев денеска од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Ортиз: разговарано за европската политика, економијата, образованието и културата
Првиот заменик-председател и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
За време на средбата се дискутираа блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шпанија, како и можностите за проширување на соработката во различни области, вклучувајќи ја европската политика, економијата, образованието и културата.
Посебен фокус беше ставен на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, со акцент на важноста од напредокот во реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Исто така, на средбата се разгледа и реформската агенда која е во тек, со цел зајакнување на институциите, транспарентноста и подобрување на инвестициската клима, поставувајќи ја земјата поблиску до стандардите на Европската Унија. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката и зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.
Македонија
По ревизорскиот извештај, Обвинителството отвори предмет за Општина Охрид
Јавното обвинителство отвори предмет по извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој утврди дека се граделе хотели и куќи без дозволи, дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а утврди и неправилности и во финансиското работење на општината.
„Државниот завод за ревизија на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од ЈОРМ.
Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.
Македонија
(Видео) Филипче: Имам информација дека следи ново задолжување од 300 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на одговор на новинарско прашање информираше дека следува ново задолжување од 300 милиони евра, a државата е соочена со голема криза.
„Следи ново задолжување од триста милиони евра, ќе слушнете наскоро. Мора да се пополнат нови дупки во буџетот. Сум за принципиелна поддршка на барањата на било која група на граѓани во државава, на луѓето им е потребна помош. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат“, рече Филипче.
Тој, потенцираше дека и во време на најголеми кризи, владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија имала континуиран раст на платите.
„Ако за период од седум години минималната плата се дуплирала, пораснала просечната плата, тоа значи дека имало добри економски политики. И тоа се аргументира, имаше странски инвестиции. Во последната година од нашето владеење, странските инвестиции беа близу милијарда евра. Сега ги нема. Сега се десеткувани. Компаниите заминуваат од земјава. Соочени сме со голема криза“, нагласи Филипче.

