Црна хроника
Азири соочен сам со себе – исказот пред истражен пуштен во судница
Исказот што го дал обвинетиот во случајот „Монструм“, Хаки Азири пред истражен судија на 7-ми мај, а кој е контрадикторен со она што во четвртокот го кажа пред судот, беше пуштен на видео за јавноста да се запознае што точно кажал обвинетиот во текот на истрагата.
Пред судијата кажал дека имал кошмари, го гризела совеста и ослабел 20 килограми кога слушнал за петкратното убиство кај Смилковци. Дента кога се случило убиството со неговиот братучед Алил Демири се договориле да се видат кај него дома во Сингелиќ, заедно со Африм Исмаиловиќ. Таму му кажале дека требало да направат нешто затоа што имале нерасчистени сметки со некого. Му рекле околу 18:00 часот да го земе обвинетиот Агим Исмаиловиќ и да го однесе во Топанско поле, од каде требале да земат некое возило. Азири го однел Агим Исмаиловиќ до Топанско поле, од каде Исмаиловиќ од паркинг зел автомобил „Опел Омега“ со црвена боја и заминал во непознат правец. Азири околу 20:00 часот на обиколницата кај Качанички пат ги чекал обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кој дотаму дошле со опелот, се качиле во неговото возило „Мазда“ и му кажале дека убиле човек. Не носеле никакво оружје, туку само на себе имале црни капи, спуштени на половина чело и црни ракавици. Ги однел кај него во домот, но незнае каде оттаму потоа заминале.
За петкратното убиство, според исказот пред Истражниот судија, Азири дознал околу 23:00 часот од интернет. Во тој момент заедно со Алил Демири биле на гости кај нивен братучед и кога им соопштил на другите што се случило кај Смилковци, Алил ја наведнал главата, а другите присутни ништо не кажале. Пред истражниот судија тој вели дека овој исказ го дал без притисоци и по своја волја, додека пред судот во четвртокот тврдеше дека тоа го направил под притисок и закани, а еден од инспекторите во полициската станица му се заканил дека ќе го застрела ако не го каже ова.
Адвокатот на обвинетиот Азири вели дека од она што може да се види на видеото, исказот на Азири не е ист со она што истражниот судија го внел во записникот. Видеото на коешто е снимен исказот на Азири сеуште се прикажува во судницата, по што се очекува Азири да се изјасни за констрадикторноста на неговите изјави во истражната постапка и сега. /крај/ач/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

