Македонија
Мицкоски до Заев: Аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам
Македонија се гуши во силни криминални стеги. Секоја пора во општеството е силно криминализирана, преку активно учество на власта. Нема граѓанин кој не е согласен со фактот дека криминалците остануваат неказнети и дека нема правда. А, отсуството на правда значи присуство на неправда. Сето ова покажува дека нема правен систем кој ќе се спротивстави на криминалниот октопод кој силно ја гуши Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Овде не се работи за политика, туку за срушен систем, за силно вклучен црвен аларм кој кажува дека Власта ја краде државата, а правниот систем е целосно девастиран. И оваa битка не е само моја, ниту само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на секоја слободна индивидуа во земјата, на професорите, интелектуалците, работниците, земјоделците, докторите, академиците, но и на новинарите. Затоа што и вие од фелата знаете дека имаме работа со голема корумпирана фабрика, составена од мал број платени пера, а ставена во функција на оттргнување на вниманието од вистинските проблеми и афери.
Погледнете ја последната афера „Вирус“, каде бизнисмен јавно признава дека од Агенцијата за лекови му било барано мито за да може да увезува лек, а имаме целосен молк од државата. Владата целосно молчи, ама молчат и најповиканите во земјава, органите на прогонот и обвинителството. Пред очи ни се случуваат скандали и матни тендери, и не само што нема обвинение, болката е што нема ниту истрага.
Секоја нова афера и скандал е поголем од претходниот. Нема разрешница ниту за скандалот кој самите го објавија за наводното прислушување на обвинители, нема истрага ниту за криминалните иновации, нема истрага ниту за градоначалникот кој тепаше вработен во својата канцеларија, за пратеникот кој набавуваше недозволена супстанца, кој наместо во обвинителство, шета како аналитичар по телевизиите. Нема истрага за набавката на системот за контрола на летање, ниту пак за тендерот за хеликоптерите за кои на никој се уште не му е јасно каде е економската логика за работа на овој проект, освен се разбира парите за кои има сомнеж дека треба да завршат во приватни џебови, за пуштањето од притвор на Катица, за одговорноста за бегството на убиецот на Нешкоски и редица други. И токму во овие моменти кога силно одѕвонуваат овие прашања, власта на маса ја става темата со Уставниот суд.
Ова е тема која исклучиво му одговара на Заев и СДСМ, за да се вратат старите теми и да не се одговара за актуелните скандали. Да разбуди чувство и сентимент кај оние кои бараа правда, а сега гледаат дека никако не може да ја добијат со оваа власт, или што би се рекло нема правда, нема мир. Темата со амнестијата личи на местенка од власта, наметната со типично удбашки методи.
Ова тука не е политика, туку валкана игра на шака криминалци, и разно разни провладини организации кои свесно или несвесно се налепија на оваа измама. И секој кој има дилеми нека се запраша една едноставна работа, како е можно Уставниот суд да не изгласа и расправа за ниту една иницијатива поврзана со СЈО, или како е можно цели три години оваа инцијатива да се држи во фиока, а токму сега на неколку месеци пред избори, во време кога власта е жива фатена во скандали и криминалии сето ова да стане тема во јавноста и да се стави на дневен ред.
Јас ја знам вистината, а тоа е стравот на Заев од пораз на изборите и соочување со одговорноста. Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.
Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле спрема законот дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам.
Темата со Уставниот суд покажува дека мора да има механизми за заштита од злоупотреба на амнестијата како алатка. Бидејќи јас не може да зборувам за принципи во политиката, а кога ќе станува збор за правдата да виткам кичма како Заев, тоа од мене не треба никој да го очекува. И токму затоа ја користам оваа прилика и од името на ВМРО-ДПМНЕ да побарам следно:
Прво барање, да се направат законски измени со кој ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата.
Второ, да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана на аболиција на лица кои се занимавале со политика, бидејќи уште во 2008-та година и случајот „Глобал“ се покажа дека правдата кај нас се изигрува преку несовесно давање на амнестија.
Очекувам ова да биде прифатено и од страна на СДСМ и Заев, наместо со замки и удбашки методи да прифатат принципи и вредности. Македонија не верува во амнестии, Македонија верува во правда и принципи. Мора да создадеме систем кој независно ќе суди, ќе докажува криминал и ќе има одговорност за сите кои докажано се огрешиле кон законите и Уставот, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

