Црна хроника
Летово се зголемил бројот на сообраќајки во охридско, се намалил бројот на кривични дела
Летово, во текот на туристичката сезона во Охрид СВР Охрид регистрира вкупно 128 казнени дела, кражби на куќи и станови, кражби на плажи во автобуси, на улица. Регистрирани се 76 прекршоци, а се случиле вкупно 108 сообраќајки.
Казнените и прекршочните дела се намалени во однос на минатата година, но бројот на сообраќајки ќе зголемен за 23 проценти. Во сообраќајките четири лица загинале, настрадале 17 возачи, 28 сопатници, девет пешаци, четири моторциклисти и четири велосипедисти. Вкупно 47 лица се здобиле со лесни а 14 со тешки телесни повреди. Тоа е намалување за 14 односно 12 проценти во однос на истиот период минатото лето, информираат од СВР Охрид.
Според анализите, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и преголемата брзина се основните причини за сообраќајните несреќи. Следуваат непрописно престигнување, неотстапување на првенство, недржење страна, правец и растојание, управување под дејство на алкохол и неправилно движење на пешак.
Во Јули и Август, во Охрид регистрирани се 128 казнени дела што преставува намалување за 15 отсто во однос на 150-те казнени дела регистрирани во истиот период лани. Во расветлувањето на казнените дела, СВР Охрид остварила ефикасност од 63 проценти што е зголемување од минатогодишната за истиот период од 48 проценти.
Летово, СВР Охрид регистрира 10 тешки кражби во куќи и станови, 16 кражби на плажи, 2 кражби во патнички моторни возила, 9 кражби од автобуси и 12 казнени дела извршени на улица. Сите сторители се пронајдени и против нив поднесени се кривични пријави. Најчесто се одземаа мобилни телефони, паричници, лап-топ компјутери и паричници од плажите а нафта од автобусите. Од домовите и становите се одземаа пари, накит и бела техника.
„Во делот на јавниот ред и мир, немаше нарушувања од поголем обем како и казнени дела со елементи на насилство. Во Јули и Август годинава, регистрирани се 76 прекршоци што преставува намалување во однос на 135 прекршоци извршени во истиот период лани. За 47 проценти намален е бројот на сторителите на овие прекршоци“ соопштуваат од СВР Охрид./крај/мвр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Благајничка во „Комуналец“ Кавадарци украла над 500.000 денари, парите за платени сметки си ги ставала в џеб
Полицијата поднесе кривична пријава против вработена во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци за „проневера во службата” и „затајување”.
Полицијата, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Д.(48) од Кавадарци поради постоење на основано сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата” и „затајување”.
Според информациите од МВР, пријавената В.Д., вработена како благајник во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци, во периодот од 22.09.2025 до 31.10.2025 одзела 568.684 денари од претпријатието.
Имено, дел од парите од дневниот промет од наплатните пунктови по основ на платени сметки за водоснабдување и комуналии, кои и биле доверени во службата, не ги внесувала на банкарска сметка на претпријатието, односно дел задржувала за себе, а останатиот дел го внесувала на сметката и на тој начин што го оштетила јавното претпријатие за наведената сума.
Црна хроника
Полицаец од Скопје крадел бакарни кабли од плац на поранешна фабрика
Полицаец доби 30-дневен притвор за кражба на бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Според информациите на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Пријавениот, во повеќе наврати во периодот од 05.01.2025 до 07.05.2025 во претходен меѓусебен договор и со заедничко дејствување со три лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.
Црна хроника
Жена тврди дека поранешниот партнер ја натерал да земе кредити за него, а потоа не ги плаќал ратите и ѝ се заканувал, полицијата во Охрид постапува
Во Охрид, полицијата спровела службен разговор со 40-годишен маж од Гевгелија, по пријава на неговата поранешна 47-годишна партнерка, која тврди дека тој се однесувал агресивно кон неа и ѝ упатувал закани.
Жената во пријавата навела и дека поранешниот партнер ја измамил, убедувајќи ја да земе кредити на нејзино име за него, а потоа одбивал да ги плаќа ратите.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против мажот.

