Регион
Во Србија осум обвинети за злосторството во Сребреница

Српското Обвинителство за воени злосторства подигна во четвртокот обвинение против осум поранешни припадници на Центарот за обука Јахорина во составот на Специјалната бригада на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, а ги товари за убиство на повеќе стотици бошњачки цивили во јули 1995 година, соопштија од обвинителството.
„Обвинителството за воени злосторства ги обвини Недељко Милидарговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Горан Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ, кои се товарат дека ја организирале и учествувале во егзекуцијата како соизвршители“, се наведува во соопштението на српското обвинителство, кое овој предмет го оцени како „пример на извонредна регионална соработка меѓу обвинителствата на Србија и на Босна и Херцеговина“.
Српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, истакна во четвртокот дека обвинението за военото злосторство во Сребреница „го покажува односот на Србија кон најголемото воено злосторство сторено во Европа по Втората светска војна“, како и дека „ниедна жртва и ниту еден воен злосторник нема да бидат заборавени“.
„Предметот ‘Сребреница – Кравице’ е пример на извонредна регионална соработка на Обвинителството за воени злосторства (на Србија) и Обвинителството на БиХ о соработка со Министерството за внатрешни работи на Србија и полицијата во БиХ“, изјави Вукчевиќ за агенцијата Танјуг.
Меѓу жртвите кои се убиени во хангарот во селото Кравице во јули 1005 година досега се идентификувани повеќе од 1.300 бошњачки цивили, чии посмртни останки се најдени во масовните гробници Глогови 1 и 2 и во Равница.
Соопштението за обвинението во случајот „Сребреница – Кравица“ објавено е во Белград истовремено кога и во Сараево беше соопштено дека Судот на БиХ го потврдил обвинението против воениот командант на бошњачките сили во Сребреница Насер Ориќ, обвинет за воено злосторство над тројца Срби во Подриње 1992 година, во кој српското правосудство и истражните органи претходно им доставиле податоци на колегите од БиХ.
Обвинителството во БиХ во четвртокот го поздрави подигнувањето на обвинението за воени злосторства сторени над Бошњаците во Сребреница. Во соопштението на Обвинителството на БиХ се истакнува дека обвинение против осумте српски државјани е резултат на добрата соработка на правосудните тела на двете земји, како и настојувањата во целиот регион, чија цел е да се спречи сторителите на воени злосторства да останат неказнети./крај/мф/сн
Извор: Танјуг
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Регион
Вулин до фон дер Лајен: Побрзо ќе ја прифатите Турција во ЕУ отколку Србија да ја предаде Русија

Александар Вулин, кој во минатото извршуваше голем број важни функции во Србија, ги коментираше изјавите дадени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Белград.
„Очекувам Европската Унија целосно да се усогласи со политиката на Србија, вклучително и повлекување на признавањето на таканареченото Косово, како и итно повлекување на сите одлуки што го кршат Дејтонскиот договор и ги намалуваат овластувањата на Република Српска. Госпоѓо фон дер Лајен, никој не нè праша дали сакаме да се впуштиме во авантурата за приклучување кон Европската Унија, но ви гарантирам дека ќе најдеме начин да ја прашаме Србија што мисли за продолжување на авантурата. И да не заборавам, попрво вие ќе ја примите Турција во Европската Унија отколку Србија да ја предаде Русија“, рече Вулин, пренесува „Телеграф“.
Фон дер Лајен разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. На заедничката прес-конференција таа рече дека очекува Србија „да го започне својот пат кон Европската Унија двапати побрзо“.
„Нашите позиции се јасни и вклучуваат слобода, а не репресија, вклучително и право на мирно собирање, партнерство, а не потчинување, дипломатија, а не агресија“, нагласи фон дер Лајен, оценувајќи дека „сега е вистинското време Србија да преземе чекори кон пристапување“.
„Вреди да се вложи овој напор бидејќи се приближувате до целта. Потребно е да се забрзаат реформите во владеењето на правото, електронските медиуми, изборните закони и хармонизацијата со надворешната политика на Европската Унија“, изјави таа, истакнувајќи дека овие реформи бараат упорност, трпение, учество на сите сегменти од општеството и политичкиот спектар.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде тешка политичка зима за нас; Фон дер Лајен: Сметајте на ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се обратија на јавноста по тет-а-тет средбата во Белград и одговорија на прашања од новинарите.
„Особено ми е драго што имавме можност да бидеме домаќини на претседателката на Европската комисија. Особено сум ѝ благодарен бидејќи таа дојде на територијата на Србија во неколку наврати, не само во нејзиниот главен град. За Србија, членството во ЕУ е стратешка определба и приоритет на надворешната политика. И тоа нема да се промени. Не сме отвориле ниту едно поглавје, ниту еден кластер од почетокот на конфликтот во Украина. Верувам дека она што е направено во однос на регулаторните агенции, избирачките списоци, ќе наиде на позитивна оценка. Сега се соочуваме со тешка ситуација. НИС е под американски санкции, а де факто е и под европски санкции.
Се надевам дека ќе ги имаме поддршката и помошта од ЕУ. Се надевам дека ЕК ќе најде начин да им олесни на земјите кандидатки. Обезбедивме доволни количини нафта и гас.
„Ќе биде тешка политичка зима за нас, во овој поглед ќе соработуваме тесно со луѓе од Европската Унија“, рече Вучиќ.
„Не дадовме многу оптимистички изјави за пристапувањето кон ЕУ.“ Денес не можам ништо да ветам, освен дека ќе работиме напорно и ќе се жртвуваме и се надевам дека ќе ја имаме поддршката од ЕУ за сето ова и дека ќе нè слушнат во Брисел. Не е толку едноставно. Знаете кои се двете клучни прашања за нас“, рече Вучиќ.
Тој рече дека разговарале и за зачувување на мирот и стабилноста во регионот, за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Ќе кажам дека за танго се потребни двајца“, рече Вучиќ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Србија може да продолжи да смета на Европската Унија.
„Србија го направи изборот да се приклучи на ЕУ и очекуваме Србија да го продолжи својот пат двојно побргу. Земете ја како пример енергетската криза во 2022 година, која имаше драстичен ефект и ние се соочивме со неа. Можете да продолжите да сметате на нас“, рече Фон дер Лајен и продолжи:
„Ја поврзуваме Србија со пазарот на енергија. Ја поканивме Србија да се приклучи на механизмот на ЕУ за набавка на гас. Треба да видиме напредок во областа на владеењето на правото, електронските медиуми. Сакам да го поздравам напредокот во врска со избирачките списоци и РЕМ. Би ве поканила да дојдете во Брисел за еден месец за да видите како стојат работите. Морам да ве пофалам за 61-процентно усогласување на надворешната политика со ЕУ. Како дел од планот за раст, формиравте надзорен комитет. Мислам дека тоа е одличен сигнал“.
На прашањето каде го гледа решението за моментната политичка ситуација во Србија, Фон дер Лајен вели:
„Ова е секако клучен момент за Србија. Време е целата нација да се обедини. ЕУ е подготвена да ве поддржи, целиот процес на пристапување е за тоа. Секој треба да учествува во процесот на реформи. Владата соработуваше со организациите на граѓанското општество. Медиумите и изборната реформа се нешто што ги интересира сите. Имплементацијата е најважна“.
Фото: принтскрин