Македонија
(Видео) Бојан Јовановски едвај движејќи се дојде во суд, полицаец го држеше под рака
Со полицаец кој го држеше под рака, Бојан Јовановски – Боки 13 пристигна во судницата во кривичниот суд каде се одржува првото рочиште за случајот „Рекет“.
Тој едвај се движеше, а пред да биде донесен во судот бил на преглед кај затворскиот лекар и во судот беше донесен со 45 минути доцнење.

Пред судот е паркирано и возило за итна помош, а случајот го следат бројни новинарски екипи, претставници на американската амбасада, ОБСЕ, Коалицијата сите за правично судење и Зелена лупа. И професорот по уставно право Светомир Шкариќ го следи првото рочиште за случајот „Рекет“.

Ексшефицата на СЈ Катица Јанева во судот пристигна со нејзиниот син Лазар, во чиј дом го издржува домашниот притвор. Таа расположено разговараше со адвокатите, додека третообвинетиот Зоран Милески – Кичеец ги избегнуваше новинарските екипи, спуштајќи го погледот надолу.

Сите адвокати при влезот во судницата ѝ пружија рака и се поздравија со шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска. Русковска ќе го прочита обвинението за кое се товарат Јовановски, Јанева и Милески, а потоа тројцата треба да се произнесат дали чувствуваат вина или ги отфрлаат тезите во обвинението.
Случајот „Рекет“ се отвори во јули годинава, кога Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец беа уапсени и завршија во притвор, а на Милески подоцна му беше определен куќен притвор. Во август беше уапсена и Катица Јанева, под сомнеж дека таа прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Поради влошена здравствена состојба, и Јовановски и Јанева во последниве месеци често завршуваа во болница, сè додека минатиот месец скопска Апелација не ѝ го замени притворот на Јанева со домашен, одлука која предизвика жестоки реакции во јавноста, но и отворен судир меѓу Обвинителството и судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
НСП во заштита на приватниот бизнис на Мицкоски, велат од СДСМ
Претседателот на СДСМ денеска беше јасен. СДСМ го поддржува денешниот протест на работниците и Сојузот на синдикати на Македонија и сите нивни барања за покачување на платите, соопштија од партијата.
СДСМ, додаваат од таму, ќе продолжи принципиелно да ги поддржува барањата на секоја група граѓани на кои им е потребна помош.
„Нашите членови, како дел од синдикатите, можат автентично да учествуваат во протестите, но СДСМ нема и нема да даде организирана, партиска поддршка.
Протестите мора да останат автентичен израз на незадоволството на работниците, исто како што и нивната организација е автентична и независна“.
Во времето на СДСМ, како што наведуваат во партиското соопштение немаше потреба од протести по улиците, платите континуирано растеа, дури и во најголемите економски и здравствени кризи а владата работеше во интерес на сите граѓани а не на поединци со скапи часовници.
„Парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Рекацијата на НСП е само во заштота на приватниот бизнис на Мицкоски.
Драго ни е што еден по еден излегуваат на виделина и го покажуваат своето вистинско лице. Сега граѓаните знаат кој сè работи за скапите часовници на Мицкоски.
Листата станува сè подолга“.
Македонија
(Видео) Левица: Не помина законот за укинување на РКЕ, власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика
Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите, соопштија од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, туку политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда“, рече тој.
Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.
„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност“, побара пратеникот.
Според Мециновиќ, паралелно, постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен“.
Како поткрепа за предложениот закон со кој треба да се укине РКЕ Мециновиќ наброја низа пропусти на регулаторот, нагласувајќи дека оваа комисија не само што не го штити јавниот интерес туку и директно работи во полза на крупниот капитал. Според него РКЕ не ја штити јавната сопственост и државната енергетска компанија ЕСМ, која бележи рекордни долгови; дозволува ЕСМ да продава електрична енергија по цена од 65 евра за мегават-час што е под производната цена, додека приватни компании остваруваат рекордни профити; овозможува паушално фактурирање и наплата без месечно отчитување; никогаш јавно не ги објаснила формулите и коефициентите за пресметка на цената на електричната енергија; работи со недемократски статут кој им забранува на членовите јавно да дебатираат, а јавноста слуша само став на претседателот; ги менува цените на нафтените деривати во корист на приватниот капитал, а не на граѓаните; дозволува инвестиции на приватни инвеститор да се префрлаат како трошок во цената на струјата; никогаш не ја отворила јавно темата за загубите во дистрибутивната мрежа; издава дозволи за фотоволтаици без обезбедени компензациски капацитети, што довело до колапс во електроенергетскиот систем и воведе паушална мрежарина за домаќинствата со која граѓаните плаќаат и кога не трошат.
„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка“, рече Мециновиќ.
Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.
„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка“, порача Мециновиќ.
Македонија
Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за правда во Владата на СДСМ, Бојан Маричиќ, е избран за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Собранието денес со 83 гласа „за“ ги избра членовите на новиот состав на Државната изборна комисија. За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Маричиќ доаѓа на местото на Борис Кондарко, кој, исто така, беше предлог на СДСМ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.

