Македонија
Зоран Милевски – Кичеец призна вина

На прашањето дали се чувствува виновен, обвинетиот Зоран Милевски рече дека ја признава вината и дека е свесен за последиците од признанието на вина.
Судијката Васка Николовска-Масевска го раздвои предметот за Милевски и даде пауза.
Претходно денеска почнa судењето за случајот „Рекет“, a Бојан Јовановски – Боки 13, ексшефицата на СЈО Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец седнаа на обвинителна клупа во скопскиот кривичен суд.
Милевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание за која е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната.
За останатите обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски постапката продолжува в петок на шести декември. Јовановски е обвинет исто така за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски. познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.
Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.