Македонија
(Видео) Русковска по судењето за „Рекет“: Имаше една госпоѓа што влезе во филмот „Чарлиевите ангели“
Имаше еден филм „Чарлиевите ангели“. Имаше една госпоѓа што влезе во тој филм, влезе во мрежата на самопрогласениот естраден уметник… Ова го изјави обвинителката Вилма Русковска по денешното прво судско рочиште за предметот „Рекет“.
Таа рече дека го гледала оригиналниот филм „Чарлиевите ангели“, но не ја гледала македонската верзија од тој филм, кој се однесува, меѓу другото, и на обвинетата Катица Јанева.
Русковска рече дека очекувала уште признанија на вина. Шефицата на Обвинителството изјави дека се познава со мајка му на обвинетиот Бојан Јовановски уште од прво одделние, но со него, освен кога гостувала во „1ТВ“ и во ресторан на прославата на телевизијата, се нема видено и му нема давано никакви информации.
На прашањето дали е завршено вештачењето за да се утврди каде завршила торбата со парите, Русковска не одговори конкретно.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка – куќен притвор при неизменети околности. Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањето, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание. Тој призна вина на првото рочиште за предметот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зголемена опасност од лавини на Шар Планина: Националниот парк со предупредување, посетителите да постапуваат претпазливо
Националниот парк Шар Планина информира дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината кои се наоѓаат на надморска височина над 1700 метри.
Зголемената лавинска опасност, како што појаснуваат, е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ја температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови.
„Овие фактори, во комбинација со рељефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.
По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк Шар Планина излезе на терен и изврши увид на локацијата каде што е потечена лавина. Претходно, екипа на операторот „Ескимо спорт“ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви.
Паралелно со теренскиот увид, беше спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Согласно извршената проценка, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик (5 – многу висок, 4 – висок, 3 – значителен, 2 – умерен, 1 – низок).
Националниот парк Шар Планина ги предупредува сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се апелира посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.
Потсетуваме дека зимските убавини на Шар Планина претставуваат исклучителна природна атракција, но истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните принципи и правилата за движење во заштитено подрачје. Дополнително, важно е да се нагласи дека лавинската опасност е тешко предвидлива појава, која бара значителна експертиза и внимателна проценка на теренските и временските услови.
Националниот парк Шар Планина апелира до сите посетители личната безбедност да ја стават на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до ул. „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.

Македонија
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје за враќање на 127 милиони денари за Скопски саем.
„Од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината.
Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште.
Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари.
Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикува загриженост кај мене. Но сакам јасно да порачам: граѓаните да бидат спокојни.
Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните.
Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија.
Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.

