Македонија
Обвинение за судијата Мустафа Шахини за злоупотреба на службената положба
Управниот судија Мустафа Шахини наскоро треба да седне на обвинителна клупа во предметот за злоупотреба на службената положба и овластување со што го оштетил буџетот за 197 илјади евра. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска му поднесе обвинение.
Обвинителството соопшти дека обвинетиот до неговиот избор за судијa кон крајот на 2007 година работејќи како адвокат презел дејствија и ги застапувал правните интереси на две физички лица, негови роднини, во oставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга, со површина од 1.958.49 м2. Иако на нивниот правен претходник, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето, со спогодба му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на оставинската постапка, тој повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација.
„Во меѓувреме обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд каде била поднесена тужба по основ на молчење на администрацијата против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со предметот за денационализација, а по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат. Управниот суд оформил предмет кој бил доделен во работа на обвинетиот“, соопшти Обвинителството.
Според Обвинителството од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, обвинетиот судија, постапувајќи спротивно на законските одредби го земал преметот во работа, иако знаел дека како поранешен застапник, адвокат на тужителите, не смеел да постапува и бил должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, но тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд за околностите.
Иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа. Преземајќи дејствија во предметот, Шахини оневозможил Државното правобранителство да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата.
Откако добил одговор само од претседателот на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, обвинетиот како претседател на совет, судија, писмено го известил полномошникот на тужителите барајќи да се произнесат по повод решението, на што полномошникот на тужителите до Управниот суд доставил поднесок со кој ја проширува тужбата и кон решението на Комисијата и бара Управниот суд да донесе одлука во корист на тужителите. Обвинетиот иако бил должен, тужбата да ја достави на одговор до надлежното Државно правобранителство за подрачје Струга, не ја доставил туку во рок од три дена донел пресуда.
Злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, спротивно на законските одредби предметниот недвижен имот, крајбрежен појас, плажа во Струга, со пресуда го вратил во приватна сопственост на барателите иако земјиштето претставува јавно добро и не смеело да биде вратено во приватна сопственост, дотолку повеќе што за него веќе бил утврден и исплатен надомест на правниот претходник на тужителите уште во 1987 година.
Во исто време, за недвижен имот со површина од 171 м2 крајбрежен појас што не смее да биде вратен во приватна сопственост определил надомест во износ од 119.700 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на РСМ., обвинетиот не доставил примерок од пресудата до надлежното Државно правобранителство заради право на жалба.
Како последица на тоа надлежното Државно правобранителство од Струга не поднело жалба, а обвинетиот со својот потпис овозможил пресудата да стане правосилна и врз основа на неа барателите да се впишат како сопственици на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности.
Само по десетина дена тие склучиле договор за купопродажба на предметниот имот со познаник на обвинетиот. Со ваквите дејствија обвинетиот злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување ги оштетил имотот и интересите на РС Македонија и нанел штета на буџетот во значителен износ од 12.164.413 денари.
Спорниот имот од моментот на започнување на истражната постапка е обезбеден и е изречена привремена мерка забрана за отуѓување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

