Македонија
Боки 13 се пожали на здравствената состојба, судијката го опомена дека ќе го извади од судницата
Судијката Васка Николовска-Масевска му рече на обвинетиот Бојан Јовановски, алијас Боки 13, дека ќе го извади од судницата ако говори за неговата здравствена состојба.
На почетокот од судењето Јовановски рече дека разговарал со затворскиот лекар, кој му кажал дека не може да гарантира за неговото здравје.
„Ординирана ми е терапија и пронајдени се улцерални промени, а за биопсијата не би сакал јавно да коментирам…”, рече Јовановски. Тој продолжи да говори за неговата здравствена состојба, а судијката го предупреди дека ќе го извади од судницата, ако продолжи да говори за неговата здравствена состојба.
„Ве опоменувам дека ако продолжите да говорите, ќе ве извадам од судницата”, рече судијката.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО Катица Јанева и ѝ влијаел да го ослободи од притвор бизнисменот Орце Камчев осомничен во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милевски, кој призна вина и доби 3 години затвор, договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, а Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, зголемен водостој на реките, расчистување на наноси: поради обилните дождови интервенирано на повеќе локации во државата, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие, поради обилните врнежи, екипите на Регионалните центри за управување со кризи интервенирале на повеќе критични локации низ државата, информираат од Центарот за управување со кризи.
На подрачјето на Битола биле ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и водостопанските компании за расчистување наноси и зајакнување насипи на повеќе делови од речните корита.
„Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај с. Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3.
Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај ул. Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали.
Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.
На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата“, соопшти ЦУК.
Македонија
(Видео) Николоски: Автопатот Прилеп – Битола го градиме со силна динамика
Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика и до 2028 година ќе го изградиме, напиша вицепремиерот Александар Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
„Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот, автопат од Прилеп до Битола до 2028 година“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Видео) „Јорданов се пишмани – Општина Штип ќе го продаде Дино паркот од 800.000 евра на приватен бизнисмен“, велат од партијата Левица
„Штипскиот Дино парк да падне во рацете на приватен бизнисмен преку јавно – приватно партнерство, односно да се издава под кирија и тоа на период од 15 години“, ваква Одлука изгласаа советниците од ДПМНЕ на седницата на Советот на Општина Штип, известуваат од партијата Левица.
Советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, изрази сомневање дека ова е однапред договорено сценарио, кое се чуваше во тајност за време на изборната кампања, со што советниците на Левица гласаа против ваквата одлука, иницирана и спроведена од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и советниците од власта, предводена од ДПМНЕ.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма – не може да ме убедите поинаку! Со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива Општината”, истакна советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, на советничката говорница.
Михајловски од Левица потенцираше дека помина само еден месец откако помпезно се отвори Дино паркот во Штип, непосредно во пресрет на Локалните избори. За Дино паркот се потрошија 800.000 евра.
„Освен што Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, во ниедна прилика тогаш не се спомена дека истиот ќе биде даден под наем. Наративот тогаш беше дека е наменет за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додаде советникот од Левица, Михајловски.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, посочи и дека е апсурдно што Општина Штип со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата, тврди дека не може да управува со објект што сама го изградила.
Од Општина Штип велат дека се одлучиле да го издадат Дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што Општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, праша Михајловски на советничката говорница.
Инаку, почетната цена на месечниот закуп за Дино паркот е 0,5 отсто од проценетата вредност или околу 4.000 евра (251.073 денари). Изградбата на Дино паркот ги чинеше граѓаните на Штип 50.214.600 денари од општинскиот буџет, додаваат од партијата Левица.

