Македонија
(Видео) Камчев: Алчноста на Катица за пари беше клучна во оваа работа
Бизнисменот Орце Камчев по денешното сведочење за случајот „Рекет“ откако излезе од судот уште еднаш потенцираше дека Бојан Јовановски, Катица Јанева, но и обвинителката од СЈО Лиле Стефанова и братот на судијката Весна Димишкова, Васил, се дел од злосторничко здружение кое изнудува пари. Тој рече дека секоја реклама што одела на „1ТВ“ била од рекетирани пари и дека нема да дозволи „неговото лице, лицето на неговите деца и семејство да го гаѓаат накази како Бојан Јовановски и Катица Јанева“.
Тој најави дека ќе поднесе повеќе тужби, и за тоа дека бил жртва на рекет, но и граѓанска постапка против Јанева и Јовановски со која ќе си ги бара назад 1.5 милиони евра што им ги дал.
За тоа дали Катица Јанева е „мозокот“ на целата операција за изнуда на пари, Камчев вели дека тоа најдобро ќе се види и чуе од снимените материјали. Тој нема сознанија за вмешаност на политичари во овој процес.
„Јовановски и Јанева беа исклучително блиски. Веројатно ако се пуштат сите материјали во постапката, тоа ќе го чуете и видите. Таму е најголемиот проблем, што алчноста на Катица за пари беше клучна во оваа работа. Телевизијата беше алатка како потоа да ја зголеми моќта секојдневно повикувајќи функционери, судии, обвинители. Јовановски ги продаваше на бизнисмените сите тие луѓе како негови блиски пријатели, за да излобира, да не гони некого. Мислам дека, да не грешам душа, 99 посто, моќта на Катица беше огромна, а Бојан е исклучително интелигентен човек и успеа тоа да го изменаџира, спакува и да ни го продаде тоа на нас“, рече Камчев.
Сепак, како што кажа и на денешното сведочење, тој не може да ја обвини Јанева дека му нудела спогодба ниту, пак, својство на заштитен сведок.
„Ми нудеше Бојан Јовановски. Јас ја слушав Катица Јанева, дека таа со него разговара на телефон. Сум слушнал и за многу луѓе дека дале рекет. Отворете видете кој се се рекламирал на „1ТВ“ со по 200 илјади платена реклама, што за Бојан Јовановски се нормални реклами, ќе ви стане јасно дека сите тие биле рекетирани, жртви на ова злосторничко здружение. Сите тие што платиле реклама на ‘1ТВ’, сите тие биле на некој начин гонети од Јовановски и Јанева“, рече Камчев.
Според него, случајот „Империја“, за кој тој е осомничен, е класичен случај за перење пари и од него е произлезен и случајот „Рекет“.
„Јас сакам да докажам дека сум чист, ако утре има судски процес за ‘Империја’. Сакам да нагласам дека тоа е случај отворен за изнуда на пари. Тоа го кажувам бидејќи и со начелното правно мислење на Врховниот суд СЈО не биле овластени тужители, бидејќи тоа се преземени предмети стари 18 години и затворени со обвинителски резулуции. Доколку сум сторил криминал, сигурно ќе излезам да одговорам пред јавноста“, одговори Камчев на прашањето дали случајот „Империја“ е лага.
На прашањето како поранешната обвинителка од СЈО Лиле Стефанова е инволвирана во наводниот рекет, Камчев вели:
„Катица Јанева ѝ давала наредби. Доколку тие биле противзаконски, зошто Лиле Стефанова не ја пријавила Катица Јанева кај Љубомир Јовевски и да го испочитува Законот за јавно обвнителство? Ајде објаснете ми. Доколку тие наредби на Катица Јанева биле противзаконски и јас присилувала Лиле Стефанова да го прави тоа што го правела – зошто не го пријавила кај надлежниот обвинител?“, рече Камчев.
За инволвираноста на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, пак, Камчев вели дека според него, ПИ-мерките кои му биле понудени од нејзиниот брат ги предала токму таа.
„Улогата на судијката Димишкова е многу јасна. Од кого се добиени ПИ-мерките кои ми беа продадени од братот на судијката? Мене ми понуди спогодба братот на мојата истражна судијка, за тоа има докази во Обвинителството. Со исти бројки, кои потоа ми ги нудеа Бојан Јовановски и Катица Јанева. Има посебни истражни мерки во копија и ви нуди спогодба дека доколку дојде до процес истите ќе бидат изменаџирани по скала на плаќање. Да сакав да поткупувам и рекетирам тоа ќе платев на почетокот и немаше да има процес. Јас верував дека немам вина“, додаде Камчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

