Македонија
(Видео) Андоновска: Дел од инсулинот кој беше уништен, имаше рок до јули идната година
Aферата ИНСУЛИН ја признаа од Министерството за здравство. Сега јавноста ќе ја дознае целата вистина. Кога министерството не сака да ја приложи целокупната документација за ова скандалозно уништување на инсулин со валиден рок ние ќе ги предочиме фактите, истакна Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дел од инсулинот, кој што бил уништен на ден 5.12.2019 година, имал валиден рок на употреба до 6 и 7 месец 2020 година. Патем овој инсулин бил произведен од една од најреномираните компании „Ново Нордиск“ од Данска и оваа компанија стои како гаранција за квалитетот на производот. Ако за министерството за здравство оваа компанија носи неквалитетни лекови со сомнително потекло, тогаш не знаеме која компанија произведува поквалитетен инсулин!
Паѓа во вода обвинувањето за неквалитетен инсулин.
Второ, беше кажано дека бил инсулинот со сомнителен квалитет. Ова е општа квалификација која што е неодредена. Кој утврдил дека инсулинот е сомнителен, и поради кои причини е таков? Има ли некаков документ со кој се прави анализа и оспорува неговиот квалитет?
Трето, беше кажано дека инсулинот бил набавен од претходната влада. А светската практика покажува дека нема инсулин со валиден рок постар од две години. Ако се земе предвид дека рокот на употреба истекувал дури 6 и 7 месец 2020 година, а ваквите производи имаат 2 години рок на употреба од производството на истата серија, тогаш испаѓа дека увозот на овој инсулин бил произведен најрано во 6 и 7 месец 2018 година. Ова е период кога СДСМ е на власт.
Четврто, ако принципот на паралелен увоз не чини, тогаш зошто оваа иста влада дозволи паралален увоз на бразилски инсулин, што прво го одобрија па потоа го повлекоа?
Министерството за здравство се заплетка во овој скандал уште повеќе. Министерството за здравство и Филипче се фатени во лага. Документите покажуваат сомнеж дека се уништува здрав инсулин, за да има нов тендер кој ќе го добие некоја компанија блиска до власта.
Овој инсулин можеше да заврши кај пациентите, но заврши уништен на отпад. Кој ќе ја сноси одговорноста за ваквата постапка? Бараме надлежните институции веднаш да го проверат овој скандал и индиции за криминал тежок над милион евра“ рече Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

