Македонија
Благајничката на Камчеви: Со обезбедување дојдов во менувачницата, а парите ги претворив во евра

По паузата во Кривичниот суд во Скопје, продожи судењето за предметот „Рекет“, сведочеше благајничката на семејството Камчеви, Мирјана Бошковска. Таа била девизен референт и благајничка во фирмите на Камчеви.
На прашање на обвинителката Вилма Русковска, Бошковска одговори дека во декември 2018 и февруари 2019 година вадела поголема сума пари од сметките на Ана Камчева, Ратка Камчева и Христина Камчева. Во три наврати извадила 12 милиони и уште двапати по пет милиони денари.
„Вадев поголема сума од приватните сметки на Ана Камчева и Ратка Камчева. Тие пари требаше да ги претворам во евра“, рече сведокот.
Таа рече дека во февруари 2019 година извадила од сметките на сестрата и мајката на Камчев 18 и 21 милион денари.
„Со обезбедување дојдов во менувачницата и ги претворив во евра. Влегов од задната врата. Парите ги средивме со спецификација по апоени. И си отидов пак од задната врата“, рече Бошковска.
Таа рече дека не го видела ниту еднаш Бојан Јовановски и дека ги видела снимките од броењето на парите. Додаде дека се сеќава оти 80 отсто од парите биле во банкноти од по 50 евра и дека спецификацијата не била по сериски броеви, туку по банкноти.
Следното рочиште за „Рекет“ е закажано за 25 декември кога треба да сведочат Зоранчо Митровски, Томе Главчев и Влатко Бошков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дали пироманите и некрофилите од СДС се радуваат на пожарите и мислат дека ќе помине паниката која ја прават во државата со фотографии од пожари во Шпанија, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Пироманската и некрофилската СДС сака да создаде некаква паника и хистерија помеѓу народот и дава се од себе да направи некаква слика дека Владата не се справува со пожарите, нешто во кое што никој не им верува, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС, додаваат од партијата на Мицкоски, тоне во својата безидејност и немајќи како да докажат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се справува со пожарите, користат слики од пожари во Шпанија за да пробаат некако да си ја потврдат тезата.
„Во Бугарија има над 240 пожари, во Грција над 50, во Турција над 80, во Албанија над 40, во Косово на 10тина. Се евакуираат граѓани од местата каде што имаат пожари, се повикуваат ЕУ механизмите, надлежните институции и пожарникарите се 24 часа на терен и цел Балкан е на силен удар на високи температури и пожари кои уништуваат куќи, имоти, земјоделски површини. Во неколку од овие држави имаме дури и жртви.
Од друга страна пак, во Македонија имаме 8 активни пожари, 7 под контрола и 36 изгаснати пожари. Тоа значи дека надлежните реагираат брзо и ефикасно. Тоа значи дека она што го говорат пироманите и некрофилите од СДС, не е воопшто точно“, се истакнува во информацијата од партијата на власт.
Според нив, граѓаните знаат дека СДС изминатите 7 години не успеа да се справи со пожарите, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги користи сите механизми кои се пристапни да ги изгаснат пожарите и успешно се справува.
„Прашањето е, дали СДС со ова сака да го покрие сомнежот дека лица блиски до нив имаат некакво учество во подметнувањето на пожарите, кои за среќа веднаш се локализираат, ставаат под контрола и гасат.
Следен пат кога пироманите и некрофилите од СДС ќе говорат за пожари и неуспеси, нека се обидат барем сликата да биде од Македонија“.
Македонија
И јас ќе ги прашам Фетаи и Меџити дали користеле службени возила за приватни или партиски цели, вели Мицкоски

Десет дена по медиумските објави, во кои се гледаат службени возила на вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи нешто пред полноќ паркирани пред трговскиот центар „Мавровка“, премиерот Христијан Мицкоски не знае дали таму биле на владин состанок. Тој денес рече дека ќе ги праша на каков состанок биле со службените возила.
„Ние како Влада работиме до доцна навечер, и јас исто така. Сигурно биле на состанок во кој имало потреба и поврзани работи со Владата, а доколку не биле, тогаш треба да им се извинат на граѓаните. Ако ги користеле за приватни или партиски цели, да им се извинат на граѓаните затоа што ги трошат ресурсите на граѓаните. Но, доколку имале состанок на тема поврзана со владините политики, тогаш во ред. Претпоставувам дека тие ќе го дадат одговорот, а и јас ќе ги прашам“, рече премиерот Мицксоки.
Екипа на „360 степени.мк“ на 18 јуни објави дека ги фотографирала службените автомобили на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, и на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, паркирани на булеварот Крсте Петков-Мисирков пред трговскиот центар „Мавровка“ околу 23 часот, во близина на партиски штаб на „Вреди“, чии членови се обајцата.
Вицепремиерите сѐ уште јавно не кажаа на каков состанок биле.
За да се избегне користењето службени возила за приватни и за партиски цели, оваа Влада најави регистарски таблички во боја за да може секој граѓанин да ги разликува од приватните возила и да пријави сомнеж за злоупотреба, но најавата сѐ уште не е реализирана.
Македонија
Состојбата со пожарите е под контрола, ангажирани се и Армијата и полицијата, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со состојбата со пожарите и тоа како државата се справува со ситуацијата, изјави дека е повикан ЕУ-механизмот за помош, но мобилизирани се сите капацитети во Македонија за справување со пожарите и состојбите сега се под контрола.
„Имаме од 30, па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50 пожари. За повеќето од нив постојат основани сомневања дека се подметнати или, пак, се случиле од негрижа. До сега можам да кажам дека во јули ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала што ги имаат Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, што ги подготвивме бидејќи знаевме што нè очекува вакво лето. Го активиравме и европскиот механизам, мислам дека е активиран уште пред неколку дена“, посочи Мицкоски.
Огнена стихија има насекаде во Европа, рече премиерот, потенцирајќи за медитеранскиот дел.
„Но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени. Во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови. Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше речиси 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар исто така. Така што, во овој момент нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ-механизам што би помогнал. Во моментот повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен. Полициските службеници, практично полицајците, ги возат оние специјалните возила, БТР, „пинцгауери“ и „хермелини“. Се организираме, работата е под контрола. Пожари ќе има цело лето, ќе има и во август. Во овој момент немаме некаде огнена стихија што е надвор од контрола“, објасни тој.