Надворешна политика
Груевски со Купчан разговараа за актуелните политички предизвици
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во понеделникот оствари средба со директорот за европски прашања од националниот совет за безбедност, Чарлс Купчан, со кого разговараа за актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата.
Од двете страни беше искажано мислењето дека политичката криза во Република Македонија трае предолго и дека е неопходно да се најде излез од актуелната ситуација преку одржување на избори на кои народот ќе им даде легитимитет на политичките претставници кои имаат капацитет да ја вратат земјата на реформскиот пат и да се посветат на економскиот просперитет.
Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ги почитува и реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека исто како и претходно, не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата. Тој нагласи дека е потребен искрен ангажман и од опозицијата за да се создаде амбиент на доверба во кој ниедна страна не би можела да ги оспорува изборните резултати и волјата на граѓаните. Груевски повтори дека изборите се единствениот начин да се излезе од кризата и дека секое ново барање или провоцирање на причини и нови услови за изборите се неприфатливи и одат на штета на државата и граѓаните.
Почнувајќи од обезбедувањето на мнозинство за донесување на договорените законски измени, па се до изборот на членови во ад хок телото за надзор на медиумите, обврски кои ги презеде ВМРО-ДПМНЕ се целосно исполнети. Според Груевски, без никакви проблеми се одвива и активната регистрација на гласачите за кои СДСМ тврдеше дека се спорни.
Беше истакнато дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ врвен интерес е напредок во интеграциските процеси, членство во НАТО алијансата како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите во повеќе сфери, како и законските решенија кои се предложени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.