Македонија
(Видео) Марш на сексуалните работници против родово-базираното насилство

Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“, во рамките на кампањата за одбележување на 17 Декември, Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, одржува традиционален Марш на црвениот чадор, кој по 12-ти пат се одржува во Скопје.
Маршот започна пред платото на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија.
Организаторите на маршот истакнуваат дека е голем бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција.
„Оваа година кампањата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници ја посветуваме на борбата против родово-базираното насилство. Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нашите човекови права и слободниот избор“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЛДП: Банкарските такси паѓаат под наш притисок, но нема да запреме со борбата против неправедните провизии

Граѓаните преку Либерално-демократската партија (ЛДП) го извојуваа првиот чекор – намалување на тарифниците за банкарски услуги, што произлегува како директен резултат од спроведената кампања „Твоја сметка – твои пари“ и јавниот притисок во интерес на граѓаните, велат од партијата.
Оттука сметаат дека ова е важен и исправен чекор напред, кој покажува дека кога институциите имаат слух, а политиката се води во служба на граѓанинот, резултатите не изостануваат.
„Го охрабруваме гувернерот на Народната банка да продолжи со реформскиот курс и уште похрабро да застане зад иницијативите за укинување на низа неосновани банкарски надоместоци и провизии што постојат само во нашата земја, а се непознати во модерните европски банкарски системи. Македонските граѓани и понатаму плаќаат провизии за затворање на сметки, за проверка на состојба, за повлекување пари од друг банкомат, за онлајн плаќања и електронски пристап – трошоци кои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија се укинати или се сведени на минимум. Време е оваа неправда да престане“, велат либералите.
Во таа насока, ЛДП три пати поднесе измени на Законот за платежни услуги и платни системи до Собранието. Предложените измени предвидуваат укинување на банкарски надоместоци за кои нема никаква реална основа и кои само дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните. Очекуваат сите пратеници, без оглед на политичката припадност, конечно да застанат зад граѓанскиот интерес и да дадат поддршка на измените.
Македонија
Гори во Радовиш, Берово, Прилеп – активни седум пожари, три под контрола

Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Активни пожари има на неколку локации. Во општините Василево, Радовиш и Берово, во селото Нивичино, на планините Голем Готен и на Малешевските Планини гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Во општина Прилеп, кај селото Бешиште, во местото наречено Бешишки Рид, пожарот се шири кон селото Градешница (општина Новаци) и кон границата со Република Грција, каде што не се интервенира поради детонации. Активен пожар има и меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во општина Прилеп, како и селата Галиште и Трстеник во општина Кавадарци, каде што гори мешана шума и ниска вегетација. Во општина Македонски Брод гори деградирана дабова шума меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Во селото Ќосевица, општина Македонска Каменица, активен е пожар во борова шума. Пожар е активен и во селото Ореше во општина Чашка, каде што гори букова шума и ниска вегетација, како и во селото Горно Црско во општина Кичево, каде што е зафатена ниска вегетација и ниска шума.
Под контрола се три пожари: во селото Грешница во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума и сува трева, потоа меѓу селата Драгоево и Селце во општина Штип, каде што е зафатена нискостеблеста шума, прнар и сува трева, како и во селото Јунузлија во општина Карбинци, каде што гори шума.
Изгаснати се вкупно 17 пожари на разни локации. Во општина Битола, на улицата Игњат Атанасовски, горела ниска вегетација. Во општина Василево, кај селото Босилово, бил зафатен пожар на депонија. Во селото Умин Дол во општина Куманово горела ниска вегетација, исто како и во населбата Бедиње. Во село Горно Лакочереј, општина Охрид, горело стрниште, а покрај автопатот Тетово – Скопје, во општина Тетово, исто така била зафатена ниска вегетација. Пожар имало и во селото Дебреше, општина Гостивар, во селото Годивје, општина Кривогаштани, каде што горела ниска вегетација и плевна, и во селото Долна Бела Црква, општина Ресен, на ѓубриште. Во општина Босилово, во селата Моносипитово и Банско, гореле депонии. Пожарот што почнал во селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Руѓинце во општините Старо Нагоричане и во Куманово се проширил и кон селата Димонце и Коњух во општина Кратово, каде што биле загрозени куќи и помошни објекти. Во село Нерав, општина Крива Паланка, горела висока борова шума. Во општина Илинден, меѓу селата Мршевци и Бучинци, горело стрниште, а во Катланово и село Чифлик, општина Петровец, била зафатена ниска вегетација, грмушки и дабова шума. Во општина Шуто Оризари, на улицата Брсјачка Буна, горело ѓубриште. Во општина Желино, меѓу селата Церово и Групчин, горела нискостеблеста и деградирана шума, а во селото Долно Перово, општина Ресен, биле зафатени елови дрва, врби, трска и сува трева.
Македонија
Кривична против директорка во Виница, си ја вработила ќерката во истото училиште иако немала соодветно образование

Полицијата поднесе кривична пријава против Г. С. (45) од Виница, директорка во основно училиште во овој град, поради несовесно работење во службата.
„На 27 јануари пријавената склучила договор за вработување со својата ќерка С. С., иако немала соодветно образование, на работно место предметен наставник по математика во основно училиште“, соопшти МВР.
Од тука велат дека со тоа му била нанесена штета на буџетот на училиштето на име исплата на плати во износ од 245.666 денари.