Европа
Лондонски таксист осуден на две доживотни казни за силување

Џон Ворбојс, познат како „Џон Радфорд, силувач од црното такси“, е осуден на две доживотни казни затвор со минимален рок од шест години за напад на уште четири други жени, јави Би-би-си.
62-годишниот Ворбојс беше затворен во 2009 година за напад врз 12 жени во Лондон, но откако одборот за условна казна објави дека ќе биде ослободен, се јавија уште четири жени, кои го обвинија за напад. Ворбојс беше затворен на неодредено време во 2009 година, со минимален рок од осум години, откако беше прогласен за виновен за 19 сексуални напади врз 12 жени меѓу 2006 и 2008 година.
Минатата година одборот за условна казна се премисли и одлучи дека престапникот треба да остане во затвор. Обвинителот Данкан Пени изјави дека психијатарот Филип Џозеф утврдил оти Ворбојс фантазирал за напади на жени уште од 1986 година. Во извештајот од август годинава се вели дека субјектот е потенцијално опасен сега исто како што бил во времето на изрекувањето на првата казна.
Откако четири жени го пријавиле за напад, Ворбојс се изјаснил за виновен по две обвининија кои се однесуваат на давање дрога со намера за силување.
Пени објасни дека насилникот ја нападнал првата од четирите жртви кои подоцна пријавиле, во 2000 или почетокот на 2001 година, по излегување во бар во населбата Сохо. Втората жртва, студентка која живеела во северен Лондон, била нападната во 2003 година. Ја собрал од улица откако ноќта ја минала со пријателите во ноќен клуб. Третата жртва била нападната од Ворбојс во 2007 година при ноќна забава, откако ѝ рекол дека добил на лотарија и ја понудил со шампањ. Четврта жртва ја издрогирал во Бурнмут.
Полицијата верува дека покрај овие злосторства, Ворбојс извршил над 100 силувања и сексуални напади врз жени во Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Сè оди според планот, наскоро ќе му претставиме на светот ново оружје

Рускиот претседател Владимир Путин одржа прес-конференција по посетата на Душанбе, каде што рече дека Русија се држи до договорот постигнат со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, објави руската државна новинска агенција РИА Новости.
„Се договоривме со Доналд дека ќе морам да размислам и да разговарам со нашите колеги и сојузници во Москва. И тој ми го кажа истото. Ова се сложени прашања што бараат понатамошно разработување, но ние се држиме до дискусијата што се одржа во Анкориџ“, рече рускиот лидер.
Тој нагласи дека сè уште постои можност за зачувување на Договорот за намалување и ограничување на стратешкото оружје (СТАРТ).
„Дали овие неколку месеци ќе бидат доволни за да се донесе одлука за продолжување? Мислам дека ќе биде доволно, ако има добра волја (од САД) за продолжување на овие договори“, рече тој.
Сепак, ако САД одлучат дека не се заинтересирани за зачувување на договорот, Путин тврди дека ништо критично нема да се случи. „Во овој поглед, сè оди според планот за нас“, рече тој.
Според него, трката во вооружување е веќе во тек, а некои земји се подготвуваат за нуклеарни тестови. Тој најави дека Русија наскоро ќе ги обнови своите арсенали.
„Ја завршуваме работата и мислам дека наскоро ќе имаме можност да го објавиме новото оружје што порано го најавувавме“, вети Путин.
Путин, исто така, коментираше за фактот дека Трамп сè уште не ја добил Нобеловата награда за мир, нагласувајќи дека американскиот лидер вложува големи напори за прекин на конфликтите низ целиот свет.
„Имало случаи кога комитетот ја доделил Нобеловата награда за мир на луѓе кои не направиле ништо за мирот. Според мене, со овие одлуки тие предизвикале огромна штета на авторитетот на наградата“, рече тој.
фото: принтскрин
Европа
Макрон го врати на функцијата премиерот кој поднесе оставка по само еден ден

Францускиот претседател Емануел Макрон го повторно назначи Себастијан Лекорну за премиер, само неколку дена откако ја прифати неговата оставка по падот на неговата влада што траеше само една ноќ. Елисејската палата ја потврди веста, објави Си-ен-ен.
Со изненадувачкиот потег завршува една недела драматични превирања во француската политика.
Лекорну го објави својот кабинет доцна во неделата, но беше јавно критикуван од неговиот министер за внатрешни работи истата вечер. Тој поднесе оставка во понеделник наутро, која Макрон ја прифати, само за претседателот да се предомисли и да го задолжи да го пронајде својот наследник во рок од 48 часа преку итни разговори со политичките ривали.
И покрај овие напори, Макрон се чини дека решението за политичката криза и честите промени на премиерите го гледа во старо-ново име.
фото: принтскрин
Европа
Макрон не сака да назначи левичарски премиер: „Сето ова ќе заврши многу лошо“

Кризниот состанок со политичките сили организиран од францускиот претседател Емануел Макрон не донесе никаков напредок по левицата, оставајќи ја земјата во подлабока криза пред очекуваното назначување на нов премиер.
„Заминуваме без никаков одговор на ништо, освен ако следниот премиер кој треба да биде назначен во наредните часови не е од нашиот политички табор (левицата)“, изјави лидерката на Зелените, Марин Тонделиер, по состанокот што траеше речиси два и пол часа.
„Сето ова ќе заврши многу лошо“, додаде таа, предвидувајќи евентуално распуштање на парламентот. Нема „јасен одговор“ од шефот на државата, рече Оливие Форе, лидерот на социјалистите, кој побара назначување на премиер од нивните редови.
Макрон вети во среда дека ќе именува премиер до петок навечер откако Себастијан Лекорну поднесе оставка во понеделник.
фото: принтскрин