Македонија
(Видео) Мицкоски: Ветинг и за политичарите

Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска побара ветинг за политичарите и ја обвини власта за недонесувањето на Закон за обвинителство. Мицкоски го обвини премиерот Зоран Заев за лицемерие кога зборува за правна држава.
„Уште поголемо лицемерие е кога тој човек по цели три години власт ќе каже дека мора да се испита имотот на судиите и обвинителите, и нема да помине ден потоа ќе го смени истиот тој став и ќе каже дека требало да се прочистат само неколку обвинители и судии. И тука има два логични заклучоци. Првиот е прашањето кој го спречуваше да го направи тоа до сега, имајќи предвид дека апсолутната власт е токму во рацете на Заев. Значи, одговорот е јасен и се работи за несакање, и вториот заклучок, зошто само да има проверка на имот на судиите и обвинителите, а не на изворот на корупција во оваа држава, политичарите и носителите на јавни и државни функции заедно со нивните семејства“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, власта нема интерес за Закон за обвинителство. „По 5 месеци е совршено јасно зошто власта на Зоран Заев го загуби интересот за носење закон за независно обвинителство и кому му беше интерес обвинителството да остане под политичката капа на Зоран Заев. Практично им требаше ова обвинителство и не сакаа законот за тоа обвинителство да се смени, за да имаме неказнет криминал. Јас го говорев ова тогаш и го повторувам сега, власта нема интерес за закон за обвинителство“, обвини Мицкоски.
Тој на денешната прес-конференција ја искористи за да ги наброи сите афери во текот на тригодишното владеење на оваа власт, а особено внимание посвети на случајот „Рекет“.
„Би сакал исто така да го повторам сведочењето на Бојан Јовановски, којшто велеше дека доколку се прегледаат камерите од видеонадзорот од неговата куќа, јасно ќе се види кое е лицето кое ја изнесува торбата од неговиот семеен дом. Понатаму, медиумите пренесоа дека во истрагата се споменува и дејствие со кое првоосомничениот сакал да издејствува од одредени кругови финансиски средства со цел да биде ставено одредено лице за прв човек на голема компанија каде државата има удел. Таква постапка е само возможна доколку некој од Владата вети дека ќе помогне за такво именување. Ова само отвора сомнеж дека грбот на Бојан Јовановски се наоѓа во зградата на ‘Илинденска’. Каде е Зоран Заев во овој случај да даде исказ и дали воошто се зборува за овој случај?“, праша Мицкоски.
Тој испрати порака до Заев, дека нема да бидеме подобро општество ако имаме или немаме преференцијални листи, туку кога ќе немаме корупција.
За годишното обраќање на претседателот Стево Пендароски во Собранието, вели дека не бил поканет и затоа не присуствувал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.