Македонија
(Видео) Заев, Царовска и Филипче на средба со пензионерите: Пензиите растат, зголемувањето ќе продолжи и следната година
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во Владата остварија средба со пензионерите од Скопскиот Регион.
На средбата пензионерите со владините претставници разговараа за претстојното зголемување на пензиите, за воведување на социјалната пензија и за развој на социјални услуги на локално нив, подобрувањето на здравствените услуги за пензионерите, кои, како што беше констатирано, доаѓаат како резултат на стабилизирањето на Пензискиот фонд и позитивните резултати од реформите во пензискиот систем.
„Пензионерите, нашите сограѓани, родители, мајки и татковци, баби и дедовци, преку 300 илјади граѓани на нашата земја, се дел од оние кои го заслужуваат најголемото внимание. Целиот работен век го вложувале за напредокот на нашата земја, ги вложувале своите капацитети на работните места, во домот и семејството. Затоа заслужуваат да имаат пристојни пензиски денови. Да им се оддолжиме достоинствено“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека покачувањето на пензиите е резултат на позитивните економски и е исполнување на најавата уште во април кога беше констатирано дека постои економски раст во земјата.
„Од идниот месец, сите пензии во државата ги зголемуваме за 700 денари коишто ќе влезат во основицата на пензијата. До крајот на годината, пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари, што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари“, истакна Царовска.
На средбата беше истакнато дека просечната пензија со последното покачување годинава во септември изнесуваше 14.598 денари, а во 2016 година 13.754 денари. Беше констатирано дека дополнителното, трето покачување во услови кога има стабилизација на пензискиот систем, раст на економијата и раст на минималната плата за 15 проценти и пораст за пет проценти на просечната плата е позитивен исход од спроведувањето на пензиската реформа која обезбедува одлични резултати и веќе 11 месеци пензиите се исплаќаат без позајмици. Само за една година е направена заштеда во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 3 милијарди денари, а приходите на Фондот се зголемени за 10 проценти.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, информираше дека зголемена пензија ќе добијат над 320 илјади пензионери. Таа додаде дека со воведувањето на социјалната пензија за повозрасните лица оваа Влада уште еднаш потврдува дека подеднакво се грижи за достоинствен живот на граѓаните, кои во текот на својот работен век заеднички придонесуваат во градењето на општеството.
Согласно Законот, право на надоместокот за социјална сигурност имаат лицата кои се на возраст од 65 години и немаат други извори на егзистенција. Тие треба да се државјани на нашата земја најмалку 15 години, да не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без работен стаж. За домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална пензија, месечниот надоместок го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со ПИО.

Со министерот Филипче пензионерите разговараа за новата мерка, укинувањето на квотите за лекови на рецепт, која покажува одлични резултати во надминувањето на недостигот на лекови на рецепт.
„Веќе трет месец лековите се достапни за пациентите во секое време. Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт во аптеките низ целата држава, го решивме деценискиот проблем. Сите граѓани се снабдени со лекови согласно нивните реални медицински потреби, без да прават залихи во нивните домови. За лицата над 64-годишна возраст обезбедивме бесплатна вакцинација против сезонски грип. Во предлог-буџетот за 2020 година одвоивме средства за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во нашата држава“, потенцираше министерот Филипче.
На средбата со пензионерите се разговараше и за планираниот развој на социјалните услуги на локално ниво кои ќе бидат наменети за повозрасната популација којашто е во социјален ризик, како и за останатите мерки кои се планираат за да продолжат реформите за подобрување на положбата на пензионерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

