Македонија
Јанакиески: Магарето замина, сега се удира на самарот

По долги натегања околу присуството на адвокатите назначени по службената должност и паузата, продолжи судењето за предметот „ТНТ” на СЈО каде одбрана почна да дава обвинетиот Миле Јанакиески.
Јанакиески на прашање на адвокатот рече дека имал блиски релации од 2006 и 2007 година со фамилијата на бизнисменот Фијат Цановски и дека дури им биле на свадбата. Ексминистерот рече дека тие како бизнисмени биле такви што постојано сакаат да кокетираат со обвинители и судии и на почетокот биле силни поддржувачи на политката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најнавреден бев кога кажаа дека јас би сакал да го рушам ‘Космос’ поради бизнис-интереси”, кажа Јанакиески и додаде дека тоа не било ниту точно, ниту докажано.
„По четири години, Миле е омилен лик на СЈО, ОЈО, Финансиската полиција… Магарето замина, сега се удира на самарот”, рече Јанакиески. Тој кажа дека Фијат Цаноски имал интензивна комуникација од април 2010 до август 2011 година со првообвинетиот, Никола Груевски, кој како што кажа, за жал, не бил во судницата.
„Чудно е што во тој период Фијат Цаноски има многу интензивна комуникација со Никола Груевски”, рече Јанакиески и побара од судот бизнисмените Фијат Цаноски и Ардијан Амзоски.
„Сакам да го прашам Фијат и за односите со Сашо Мијалков, Муса Џафери кој што му ветувал. Јас не сум ветувал дека ќе му дозволам да гради спротивно на Законот за градење. Едно ливче немам потпишано. Не може Миле да е кабает, зашто сме прислушувани 24 часа јас и мојата жена”, рече Јанакиески.
„Тој објект е дивоградба. И сега гарантирам за тоа”, кажа ексминистерот.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО тврди дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе барааат отштета.
Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.
Македонија
Tри улици од Карпош ќе останат околу шест часа без струја

Без електрична енергија денес ќе останат корисниците од три улици во Карпош.
Во периодот од 08.15 до 13.30 часот, без струја ќе бидат корисниците од улиците Иван Цанкар – парни броеви, Франц Прешерн – непарни броеви и Вангел Дину. ( општина Карпош ), информира ЦУК по известување добиено од ЕВН.