Црна хроника
Сведок во Монструм: Човек со пушка рече стој полиција и не носеше маска
Човекот со пушка во рацете, кој нé пресретна кога тргнавме да си одиме дома од Смилковското езеро, ни рече „Стој полиција“ и на себе не носеше маска, рече сведокот на обвинителството во случајот „Монструм“, Бајрам Мемедов.
Сведокот Бајрам Мемедов, како и другите сведоци, потврди дека човекот им рекол да се вратат назад оти ќе ги убие, а на 15-20 метри кога се враќале слушнале пукање. Мемедов за разлика од вториот сведок кој тврдеше дека зад човекот со пушка имало и други три, четири лица, тврдеше дека освен човекот со пушка не видел никој друг зад него.
Човекот со пушката им се обратил на лош македонски јазик. Кога тргнале да си одат дома видел автомобил караван со темносина боја со фаровите свртени кон езерото.
Но Мемедов тврди дека меѓу обвинетите не го препознава човекот што им излегол со пушката. „Човекот што ни излезе со пушката не личи на овие луѓе“, рече Мемедов.
Во судот во четвртокот беа испрашувани сведоците на обвинителството,сите од ромска националност, кои тврдат дека ловеле риба на Смилковското езеро на денот кога се случи убиството. На езерото заминале околу 16 часот.
Првиот сведок Ахмет Бекир рече дека кога дошле на езерото три, четири момчиња им побарале леб за да фаќаат и тие риба, а потоа заминале, но не знае каде.
Кога почнало да се стемнува тргнале да си одат, но патот им го попречил човек со пушка во рацете, ги прашал како се викаат и им рекол „Бегајте назад, оти ќе ве убијам“.
Додека се враќале слушнале истрели едно по друго. Вториот сведок, Несим Кемал тврдеше дека зад човекот со пушка имало уште три, четири лица кои исто како и него носеле темна облека.
По одредено време откако ги слушнале пуктониците го виделе белиот автомобил и мртвите тела на момчињата.
И Кемал тврдеше дека човекот им се претставил како полицаец и дека носел панцир на себе. Не можел да види дали и другите лице носеле панцири на себе. И тој на истото место, на ткн втора плажа на Смилковското езеро, пред да ги пресретне човекот со пушката, видел автомобил свртен со фаровите кон езерото, но според него, автомобилот бил сив.
Но никој од сведоците не го, препозна тој човек со пушка меѓу обвинетите. Одбраната на обвинетите, тврди дека сведоците имаат контрадикторни изјави и дека се исполнило нивното очекување со тоа што меѓу обвинетите не го препознале човекот со пушка.
Судењето продолжува на 8-ми февруари. Во судницата денеска беа присутни и татковците на убиените момчиња.
На 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски.
Судскиот процес за грозоморното убиство коешто ја потресе целата земја почна на 20-ти декември, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, ќе им се суди во отсуство./ крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

