Европа
Туск му вети на Камерон дека ќе му помогне во решавањето на „британското прашање“
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск вети дека ќе му помогне на британскиот премиер Дејвид Камерон во преговорите за условите на Велика Британија во врска со членството во ЕУ, пренесуваат британските медиуми.
Сепак, Туск предупреди дека барањето на Камерон за постигнување на нов договор меѓу Велика Британија и Европа преку ревизија на договорот на ЕУ е практично „невозможна мисија“.
„Потребен е консензус на 28-те земји членки, во Европскиот парламент, во 28-те национални парламенти во процесот на ратификацијата. Малку е да се каже дека ова е Пандорина кутија“, рекол Туск во интервју за британскиот весник Guardian.
„Подготвен сум да му помогнам на Камерон. Не се сомневам дека мораме да помогнеме во ограничена и разумна рамка. Мораме да му помогнеме на Дејвид Камерон бидејќи тој очигледно е проевропски настроен“, рекол клучниот политичар на ЕУ кој ќе ги води преговорите, додавајќи дека „е скептичен кога се работи за промена на договорот“.
Доколку биде реизбран на парламентарните избори во мај, Камерон вети дека повторно ќе преговара за британското членство во Унијата, особено кога се работи за заострување на контролата на миграцијата, и дека ќе одржи референдум за членството на Британија во ЕУ, до 2017 година.
Guardian наведува дека нападите на Камерон на слободниот пазар на труд во рамките на ЕУ и неговото преиспитување на миграцијата од земјите на Унијата, особено од истокот на Европа, ја прават британската дилема незгодна за Туск, поранешен премиер на Полска, земја со највеќе европски доселеници во Велика Британија.
Британскиот весник пишува дека на Камерон „приватно му било речено“ дека Европејците не планираат повторно да го разгледуваат Лисабонскиот догово и дека најверојатно нема да имаат поддршка од најголемата фигура на ЕУ – германската канцеларка Ангела Меркел.
„Пред се, нам ни требаат конкретни детали за британските барања. Кога ќе имаме повеќе информации за деталите, за правните проблеми, ќе одлучиме дали воопшто е потребна дебата за промена на договорот“, порачал Туск./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

