Вести
По истекот на примирјето ракетирање на Израел кој возврати со бомбардирање

Палестинските милитанти продолжија во петокот од енклавата Појасот Газа да го ракетираат јужен Израел, откако во петокот наутро истече 72-часовното „хуманитарно примирје“, објави израелската армија која возврати со воздушни напади од бомбардери-ловци „F-16“.
Според агенциските извештаи, цел на израелскиот воздушен напад во југозападниот дел од централниот град на енклавата Газа бил објект со сала кој бил целосно уништен. Не е познато дали во големиот објект имало сокриено цивили.
Палестинските ракетирања биле обновени во 7 часот по локално време веднаш по истекот на тридневниот прекин на огнот. Според соопштението на израелската армија, палестинските милитанти истрелале околу 20 ракети, од кои две биле пресретнати над градот Ашкелон со 120 илјади жители и една над Сдерот со 25 илјади жители.
Засега нема извештаи за настрадани и разурнување на двете страни.
Палестинските ракетирања биле ограничени на граничните области на енклавата и не достигнале до густо населените региони на Израел. Сепак, сирените за предупредување од ракетен напад се огласиле а биле отворени и засолништата во израелските градови во радиус од 80 километри од границата со Појасот Газа, вклучително и во Ерусалим кој има 800 илјади жители, и во Тел Авив со 400 илјади жители. Во областите коишто се потенцијални цели на ракетирањата живеат 5 милион Израелци, од вкупно осум милиони жители на еврејската држава.
Во Газа, пак, каде што такви засолништа не постојат, илјадници Палестинци одвај имаа време да се вратат во своите домови враќајќи се од пограничните периферни области каде што се привремено засолнати во училиштата под закрила на Обединетите нации.
Армијата на Израел во соопштението истакнува дека израелските сили повеќе од два часа се воздржувале од одговор на нападите од палестинските фракции. Таа додаде дека за време на конфликтот кој започна пред еден месец палестинските милитанти истрелале повеќе од три илјади проектили. Израелските власти сметаат и дека барем уште толку палестинското исламистичко движење Хамас има во резерва.
Израел претходно објави дека е подготвен да се согласи на продолжување на прекинот на огнот, меѓутоа портпаролот на Хамас изјави дека Палестинците не се согласуваат со тоа, но дека ќе ги продолжат преговорите во Каиро со египетско посредување. Палестинските фракции во заедничките предлози бараа од Израел начелно да ги прифати нивните барања меѓу кои е и целосното укинување на сите поморски, воздушни и копнени блокади на Појасот Газа, ослободување на сите палестински затвореници од израелските затвори и почеток на обновување на енклавата.
Военото крило Хамас ги предупреди во четврток палестинските преговарачи да не се согласуваат на продолжување на прекинот на огнот доколку Израел не понуди отстапки, што Израел не го стори. Израел јасно порача дека ќе одговори со сила доколку биде нападната, и дека дури е подготвен да ја окупира Газа за да ги исфрли Хамас од власта. Инаку израелската армија во вторникот ги повлече копнените сили од Појасот Газа и ги распореди на рабовите на енклавата.
Во израелската офанзива започната на 8-ми јули „Линија на одбраната“ чија цел е уништување на инфраструктурата од подземни тунели на Хамас и спречување на неговото ракетирање на израелската територија, според палестински извори загинале 1.875 цивили, од кои најголемиот дел се цивили и над 400 деца. Хамас, исто така, во четвртокот објави дека погубил Палестинци кои шпионирале за Израел, но не го наведе нивниот број.
Израел објави дека досега во борбите загубил 64 војници и офицери, како и тројца цивили, жртви на палестинските ракетирања на израелскиот области./крај/мф./сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.