Македонија
Формирана Единицата за интервентна полиција за поефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ присуствуваше на официјализирање на формирањето на новата организациска единица при СВР Скопје – Единицата за интервентна полиција. Станува збор за единица којашто настанува со спојување на досегашните единици – за јавен ред и мир, за асистенции и спровод и на „алфите“.
„Структуирана врз основа на проценетите потреби на СВР Скопје, но и врз основа на практиките на истородните полициски единици во земјите од ЕУ, единицата, односно нејзините припадници ќе бидат фокусирани на остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сè во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица“, истакна министерот Спасовски.
Единицата за интервентна полиција ќе биде поддршка и на другите организациски единици во рамки на СВР Скопје, а еден од приоритетите во нејзиното функционирање ќе биде континуираната обука и едукација на нејзините припадници, во насока на воспоставување на сите потребни професионални стандарди, вештини и знаења, со што се очекува евидентно подобрување на севкупните резултати. Нејзините припадници, покрај професионалниот пристап, ќе се препознаваат и по новите специјални униформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: СДС е последната партија што може да зборува за правда и култура

„Кога СДС зборува за правда, тоа звучи исто како крадец да држи предавање за чесност. Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот. СДС, како и секогаш, кога институциите конечно почнуваат да работат професионално, после хаосот што го оставија зад себе, се обидува да шири лажни вести, страв и дезинформации. Тоа не е ништо ново, тоа е нивна стара стратегија – кога немаат аргументи, измислуваат афери“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Меѓутоа, јавноста добро памети.
Во време на СДС:
– се гасеа истраги и се уценуваа обвинители;
– криминалци од врвот на власта беа заштитени како свети крави;
– граѓаните беа сведоци на политички прогон на неистомисленици;
– Врховниот суд беше партиски штаб, а Советот на јавни обвинители нем набљудувач на криминалот.
Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци.
Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи притисоци врз обвинителството, но ниту ќе дозволи заштита за било којшто се огрешил пред законот – без разлика на партиска, етничка или друга припадност.
Тоа е разликата меѓу нас и нив!
Ние се бориме за држава на еднакви, не на привилегирани!
Тие се борат да се вратат на власт за повторно да ја контролираат правдата и да продолжат со грабежот.
Но времето на криминалците заврши.
Македонија е во рацете на чесните граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата Фрањо.
„Драги браќа свештеници, чесни сестри и верници,
Со голема тага, но и со вера во воскресението и животот вечен, денес во утринските часови на Светол Понеделник, 21 април 2025 година, Господ го повика кај Себе Својот слуга, и наш возљубен пастир, Петровиот наследник, папата Фрањо.
Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.
Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.
Ги повикувам сите свештеници и монашки заедници, како и сите верници да се обединат во лична молитва за покојниот папа Фрањо и одредувам денес од сите цркви во 15.00 часот да се огласат камбаните, пропратени со молитви на верниците. Одредувам ден пред неговиот погреб во сите цркви да се служи света Литургија задушница за папата Фрањо“, се наведува во писмото.
Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.