Македонија
ДУИ: Фракцијата на ДПА измислува, Таравари бесрамно ги имплицира Албанија и Косово
Демократската унија за интеграција соопшти дека секое јавно појавување на фракцијата на ДПА на Мендух Тачи, ДР во ДПА, од нивните претставници, го обелоденува стравот во нивната срж од директното соочување со ДУИ и претрпување на петиот пораз по ред во изборните процеси од нивното отцепување од ДПА или седумнаесетти по ред пораз воопшто.
„Апсолутно победивме од 2002 година сè до сега, особено на парламентарните избори 2016 година, потоа на локалните избори кога и нивниот претседател, кога ја напушти ДПА, изгуби во својот град, потоа и на предвремените локални избори во Дебар, како и на претседателските.
И по 4 порази од ДУИ, како и неподржувањето на референдумот за НАТО и ЕУ, ниту еден од нив немаше храброст да сноси демократска, морална и политичка одговорност и ова говори за недостиг на почитт кон волјата на граѓаните од овој субјект.
Нашиот поранешен владин партнер во постојани напори за да ги затскрие последователните порази, како и да создаде секојдневни скандалозни лажни вести, бесрамно ги имплицира Тирана и Приштина и другите партии во нивниот дефетистички и разочарувачки приказни.
Слично постапија и при создавањето на приказната за тиранската платформа создавајќи ѝ аргументи на македонската опозиција, нивниот идеолошки партнер.
При вакви околности, кога и ДР на ДПА нема никакви сомнежи во следната победа на Демократската унија за интеграција, повторно одлучи да ја користи својата стратегија од претседателските и локалните избори кога побараа други партии и лица да ги обвинат за поразот што им тежи.
Скандалозните наводи на Таравари и ДР во ДПА за вмешување на странските фактори и барањето спас од следниот пораз од другите фактори, другите партии и лажните вести за да се урне сè што е постигнато, ќе бидат казнети од граѓаните.
За жал, граѓаните се сведоци дека единствената агенда на фракцијата на ДПА е деструктивноста, провокација со клевети, создавање лажни вести, пропаганда и измама“, се вели во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

