Топ
Две деца загинаа во пожар во Шуто Оризари, врз нив паднал кровот на куќата
Две деца загинаа во пожар што се случи попладнево во скопската населба Шуто Оризари. Момчето и девојчето на возраст од 3 и 1,5 година, според првичните информации биле поклопени од покривот на импровизираната куќа во којашто живееле и починале пред да стигнат скопските пожарникари.
Според кажувањето на мештаните, во куќата имало четири деца, од кои две успеале да ги спасат по избувнувањето на огнот, додека врз најмалите деца се урнал покривот и било невозможно тие да бидат извлечени од домот што горел.
Пожарот, како што информираат од Противпожарната единица, бил пријавен околу 13:25 часот на улицата Брсјачка буна, во близина на пазарот во Шуто Оризари. Станува збор за дел од населбата каде има повеќе импровизирани куќарки, кои се залепени една до друга, во тешко пристапен терен. Според пожарникарите, интервенцијата била отежната и поради тоа што до куќарката нема асфалтиран пат, тука тесна патека, која е тешко проодна за возила.
„Кога стигнавме децата беа поклопени од покривот на импровизираната куќарка.Се обидовме да интервенираме и да ги извлечеме, но веќе беше предоцна, бидејќи децата беа починати“, раскажуваат пожарникарите за „Макфакс“.
„Пожарот беше избувнат во импровизирана куќа, до која имаше доградба и она што забележавме е многу кабли коишто висеа од сите страни и од покривот“, додаваат пожарникарите кои биле на местото на несреќата.
Првичните претпоставки се дека пожарот можел да избувне од електричната инсталација, но се чекаат резултатите од крим-техника коишто треба да посочат на причините за трагедијата.
Веднаш по пријавата за настанатиот пожар, на терен биле испратени две возила од Бит-пазар, а подоцна во интервенцијата се вклучиле уште две дополнителни возила, со цел да се спречи ширењето на огнот. Пожарникарите стравувале дека од пламените јазици ќе бидат зафатени и другите околни куќарки, кои во низа се залепени една до друга. Сепак, навреме е спречено огнот да се прошири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Две жени намамиле човек во мотел во Скопје, каде го пречекале двајца мажи: го удирале со боксови додека не паднал, па го ограбиле
Истрага против четири лица – двајца мажи и две жени поведе Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи четворицата во група, со употреба на сила одзеле 200 илјади денари од едно лице.
На 30 октомври оштетениот со една од осомничените жени отишле во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка. Оштетениот се согласил и осомничената ја повикала другата жена, па заедно го убедиле оштетениот да одат во „поубав и поевтин хотел“.
Излегувајќи од собата, во темниот двор на мотелот, ги пречекале двајцата мажи кои биле во договор со жените и заедно му се нафрлиле на оштетениот. Го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал на земјата, а од џебовите му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторуваат делото. За една од осомничените жени која е во бегство откако го извршила делото, притворот ќе започне да се применува од нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.
Регион
(Видео) Бројот на загинати во Тузла се зголемува, 35 повредени, со месеци имало предупредувања за Домот
Според најновите официјални информации, вкупно 11 лица загинаа во пожарот што синоќа зафати дел од зградата на Домот за стари лица во Тузла, додека 35 лица побараа медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар во Тузла.
Седмиот кат од Домот за стари лица беше зафатен од голем пожар синоќа, а градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, потврди за „Кликс.ба“ дека 11 лица загинале, додека 35 побарале медицинска помош, пренесе Индекс.
Според информациите со кои располага Кликс, меѓу загинатите имало жители на домот кои биле на седмиот кат од зградата. Станува збор за неподвижни лица со сериозно нарушено здравје.
Лугавиќ рече дека меѓу повредените кои побарале медицинска помош има жители и вработени во домот, како и полицајци, пожарникари и медицински техничари. Според неофицијални информации, тројца од повредените се во критична состојба.
Зградата на Домот за стари лица ја обезбедуваат утрово припадници на Полициската управа на Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот кантон. Според претходните информации, жителите се наоѓаат на обезбедените катови од зградата, во делот што не бил зафатен од пожарот.
Зошто најранливите беа на највисоките катови?
Со години се даваа предупредувања за овој дом, но никој ништо не презеде Трагедијата е дополнително продлабочена од шокантниот факт дека најранливите корисници – лица со деменција и тешки форми на рак – беа сместени на повисоките катови, каде што избувна пожарот, пишува „Кликс“.
Јавноста го поставува прашањето кој и врз основа на која логика ја донел одлуката да ги смести тешко болните лица на петтиот, шестиот и седмиот кат од зградата, што драстично ги намали нивните шанси за евакуација.
Корисниците на домот и нивните семејства, како и некои политичари во Тузла, со години предупредуваат за лошите услови во Домот за пензионери, но властите останаа глуви на нивните апели и предупредувања.
И покрај предупредувањата за лошите услови, администрацијата предводена од директорот Мирсад Бакаловиќ (СДП) во јануари донесе одлука да ја зголеми цената на сместувањето за дури 30 проценти.
Пред помалку од два месеци, советничката на Нашата партија во Градскиот совет на Тузла, Драгана Гагро Берберовиќ, го привлече вниманието на јавноста кон условите во кои живеат корисниците на Домот за стари лица во Тузла. Објавеното видео и фотографии ја вознемирија јавноста, а раководството на Домот покрена постапка против Гагро Берберовиќ.
„Администрацијата имаше повеќе од доволно време да ја подобри ситуацијата и со тоа да спречи повиците за достоинствен живот и работа да стигнат до политичарите и целата јавност“, предупреди тогаш Нашата партија.
Тогаш тие истакнаа дека посочувањето на влагата, нередот, лошиот квалитет на храната, мобингот, навредите и незадоволството на корисниците не се медиумска сензација, туку прашања за достоинство и човекови права.
„Дали ова е достојно за старост?“
„Она што го гледам е влага, неред и „оброци“ од две кришки леб и една лажица крем – тоа не е храна, тоа е понижување! Не ми треба никој да ме убеди дека царот е гол за ова. Го разгледав и менито на објектот, сè е како што пишува, но она што е напишано и она што е вистинско – не е исто, ниту пак количината е доволна. За таа цена, и храната и условите мора да бидат подобри. Корисниците и старателите пријавуваат мобинг, лоши услови и некомпетентно управување, а мобингот и пцовките се јасно видливи во видеото.
Иако лидерските позиции често се поделени по партиски линии и фаворизираат поединци, тие поединци мора да бидат способни да управуваат со јавното добро. Ако не го сторат тоа – штета е за сите нас кои имаме можност јавно да ги посочиме и отстраниме недостатоците. Се надевам дека ќе се најде решение за ова. Верувам во новата градска администрација, тие покажаа дека сакаат подобрувања и промени. Не смееме да молчиме – ова е прашање на достоинството на нашите постари лица и вработени на кои ние граѓаните сме работодавци“, рече советничката.
Исто така, треба да се напомене дека видеа од несоодветно однесување на персоналот кон корисниците на домот претходно беа објавени на социјалните мрежи.
Истрагата ќе покаже што го предизвикало пожарот и дали некој потфрлил во синџирот на одговорност.
Свет
(Видео) Мамдани: Трамп, знам дека ме гледаш, имам четири збора за тебе
Новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, одржа победнички говор во Бруклин во кој на остар начин рече дека „градот што го роди Доналд Трамп сега покажува како да го победи“.
Излегувајќи на сцената во Бруклин по 23:45 часот по локално време, Мамдани рече: „Сонцето можеби зајде вечерва на нашиот град, но како што еднаш рече Јуџин Дебс, „Ја гледам зората на подобар ден за човештвото“.
„Вечерва, и покрај сите очекувања, добивме. Иднината е во наши раце. Мои пријатели, соборивме политичка династија. Му посакувам на Ендру Куомо само најдобро во неговиот личен живот, но нека вечерва биде последен пат кога ќе го изговорам неговото име додека ја вртиме страницата на политиката што ги напушта многумина и им служи само на малкумина“, додаде тој.
Тој им се заблагодари на „следната генерација њујорчани“, додавајќи: „Ќе се бориме за вас, затоа што ние сме вие“. „Победивме затоа што њујорчаните си дозволија да се надеваат дека невозможното може да се постигне“, рече тој.
Тој ја повтори својата програма, вклучувајќи „брзи и бесплатни“ автобуси, замрзнување на кириите за некои станови и државни продавници за храна.
Mamdani: So Donald Trump, since I know you're watching, I have four words for you: Turn the volume up. pic.twitter.com/HE2Pr7EFgh
— Acyn (@Acyn) November 5, 2025
Потоа тој директно му се обрати на американскиот претседател Доналд Трамп, со порака што предизвика најгласен аплауз на вечерта. „Ако некој може да ѝ покаже на нацијата која Доналд Трамп ја предаде како да го победиме, тоа е градот што го роди. Ова не е само начинот на кој го запираме Трамп – ова е начинот на кој го запираме следниот. Доналд Трамп, бидејќи знам дека гледаш, имам четири збора за тебе: зголемете ја јачината на звукот.“
Заврши со пораката: „За да стигнете до кој било од нас, ќе мора да поминете низ сите нас.“ Трамп брзо одговори на својот профил на Truth Social со кратка порака: „…И ТАКА ЗАПОЧНУВА!“
фото: принтскрин

