Берзи
Европските берзи паднаа по нападот во Ница, под притисок туристичкиот сектор
На европските берзи во петокот утрото цените на акциите паднаа по тринеделниот раст, а под најголем притисок е туристичкиот сектор, што е последица на терористичкиот напад во Ница, додека на азиските берзи цените на акциите пораснаа.
Индексот STOXX на 600 водечки европски акции во 9,30 часот беше во минус од 0,3 отсто, по силниот раст од почетокот на седмицата. Лондонскиот FTSE, франкфуртскиот DAX и парискиот CAC индекс во истиот период од тргувањето беа во минус од 0,2 до 0,5 отсто.
Вложувачите стравуваат дека нападот во Ница со најмалку 84 мртви лошо ќе влијае врз туризмот, па во петокот утрото најмногу паднаа цените на акциите на француските хотели и воздухопловните превозници.
Така, цената на хотелскиот оператор „Accor“ потона за 4 отсто, додека цените на „Air-France-KLM“ и на „British Airways“ се лизнаа меѓу 1,6 и 3 отсто. Под притисок се најдоа и акциите на произведувачите на луксузни стоки како „Swatch“ и „Richemont“, чија продажба исто така зависи од туризмот.
На азиските берзи, пај, цените на акциите во петокот утрото пораснаа, на MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во 9,30 часот беше во плус од 0,4 отсто. Оваа седмица скокна за повеќе од 4 отсто, па го достигна највисокото ниво во последните осум месеци.
Позитивно на азиските пазари влијаеше податокот дека кинескиот бруто домашен производ (БДП) во вториот квартал пораснал за 6,7 отсто во однос на истиот лански период. Тоа е ист раст како и во претходното тримесечје и побрз во однос на 6,6 отсто, колку што очекуваа аналитичарите во анкетата на Reuters.
Стабилизацијата на растот на втората според обемот светска економија, по повеќегодишното забавување, е благодарејќи на државната потрошувачка и другите поттикнувачки мерки на монетарните и фискалните власти.
На токиската берза, пак, индексот Nikkei во петокот утрото порасна за 0,7 отсто, на 16.497 поени. Во целата оваа седмица овој индекс скокна за 9,2 отсто, што е негов најголема неделна добивка од 2009 година.
Тоа е благодарение на слабеењето на јенот, бидејќи поради тоа производите на јапонските извозници стануваат ценовно конкурентни. Покрај тоа, премиерот Шинзо Абе најави нови фискални поттици, бидејќи третата светска економија не расте како што се очекуваше./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.