Скопје
Зимската служба подготвена за расчистување на скопските улици

Градот Скопје е подготвен за одржување на магистралните и на собирните улици на подрачјето на Скопје, во зимски услови, информираат градските власти.
За чистење на снежните наноси од коловозите Градот Скопје оваа сезона располага со 30 возила и со доволно количество сол.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, во петок го посетија пунктот на ова јавно претпријатие во Кисела Вода каде што се стационирани возилата за расчистување на снегот.
„Од утре, 15 ноември, Градот Скопје почнува со зимско одржување на градските сообраќајници. Зимската служба 2014/2015 година ќе трае до 15 март 2015 година, со можност за продолжување доколку се неповолни временските услови. Градот Скопје и годинава е подготвен за расчистување на снежните наноси од коловозите. Наша задача ќе биде брзо и ефикасно да го расчистиме снегот од градските улици и да овозможиме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот и движење на пешаците. Кризниот штаб на зимската служба веќе почна со работа. Во него членуваат претставници од Градот Скопје, од јавните градски претпријатија, од десетте скопски општини, од Министерството за внатрешни работи и од Државниот инспекторат за патишта. Градот Скопје за претстојната зима има на располагање 2.300 тони индустриска сол како залиха од лани, како и дополнителни 1.500 тони набавени од компанијата „КИЕМ“. Што се однесува до потребните возила за расчистување на снегот зимската служба ќе ги користи возилата на ЈП „Улици и патишта“, како и возилата што дополнително се ангажирани од приватна фирма. Екипите на зимската служба дежураат во текот на 24 часа, на две локации, во пунктот на ЈП „Улици и патишта“ во Кисела Вода и во пунктот во Бутел“, рече градоначалникот Трајановски.
Трајановски додаде дека од оваа зима, новина во одржувањето на градските улици ќе биде апликацијата на средството Калциуммагнезиумацетат (KMA), за да се намали загадувањето на амбиентниот воздух од ПМ10 честичките.
„Досега се пристигнати 7.000 литри од ова средство. Испораката на средството ќе се врши во согласност со потребите. Средството е набавено од најповолниот понудувач на јавниот повик што го објавивме, „Алкалоид” АД Скопје. За набавка на средството Градот Скопје ќе вложи околу 3 милиони денари (со ДДВ). Сакам да нагласам дека во активностите за зимско одржување на градските улици се вклучени и другите јавни претпријатија и тоа: ЈП „Комунална хигиена“ ќе го расчистува снегот на пристапите до контејнерите, ќе ги расчистува пешачките зони, улиците во Старата скопска чаршија и пешачките пристапи до објектите од витално значење; ЈП „Водовод и канализација“ ќе ја оспособува атмосферската канализација и сливниците за прием на поголемо количество вода; ЈП „Паркови и зеленило“ ќе го отстранува снегот од пристапните патеки во парковите, ќе ги заштитува дрвјата од кршење под тежината на снежните наноси и ќе отстранува паднати дрвја и гранки од коловозите, а ЈСП „Скопје“ ќе го расчистува снегот и мразот од автобуските постојки“, објасни градоначалникот Коце Трајановски.
Градот Скопје апелира до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Центар денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф- 100мм на ул.Пандил Шишков 9, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица на високата зона од број 1 до бр.49 и дел од корисниците на ул.Вангел Тодоровски, Руди Чаевац, и Коста Новаковиќ, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санирање на дефектот, општина Аеродром;
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф-400мм на ул.Мирче Ацев, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул.Кочо Рацин, Славко Јаневски (по старо Стив Наумов), Тетовска, Славе Георгиевски Шнајдерот и дел од Бул.Крушевска Република, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот, општина Центар.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
17 години стар европски бизон угина во Зоолошката градина Скопје

Зоолошката градина Скопје извести дека утрово угинал 17 години стар европски бизон.
„Со голема тага ја споделуваме веста дека нашиот европски бизон кој имаше 17 години утрово угина. Животниот век на овие животни е од 14 до 20 години.
Овој величествен и редок претставник на европската дива фауна од 2011 година беше еден од најимпресивните жители на нашата зоолошка градина.
Пред околу година и половина кај него беше дијагностицирана пневмонија, по што следеше долготраен процес на терапија и внимателно следење од страна на нашиот тим ветеринари и неговите негуватели.
Иако со многу посветеност успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, во изминатите две недели повторно покажа знаци на слабост и отежнато дишење. Веднаш беше вклучена интензивна секојдневна антибиотска терапија одредена според антибиограм и постојан надзор, но за жал, и покрај сите наши напори, не успеавме да го спасиме“, велат од Зоолошката градина Скопје.