Црна хроника
Непознати мотивите за објавување на идентитетот на заштитениот сведок за убиството во Ореше
Мотивот зошто новинарот, Томислав Кежаровски го објавил идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше во неговото списание „Репортер 92“ во 2008 година сé уште не се познати. А не е познато и засега нема докази дека новинарот зел поткуп за да го открие идентитетот.
На новинарот му се става на товар дека незаконски го објавил името на заштитениот сведок за убиството во Ореше за коешто судот на 29-ти март годинава поради немање докази ги ослободи браќата Ордан и Лупчо Ѓоргиевски, како и Ѓоре Петровски, од обвинението за платено убиството на 74-годишниот Лазар Милошевски од велешкото село Ореше. Претходно браќата беа осудувани на 12 години затвор, но Апелација, двапати ја поништуваше првостепената пресуда.
Поранешниот истражен судија од Основниот суд во Велес во случајот Ореше, според Министерството за внатрешни работи, откако го сослушал загрозениот сведок, примерок од записникот во кој имало телефонски број на сведокот, како и своерачен потпис, им дал го на адвокатите на обвинетите во случајот.
Записникот подоцна бил објавен во два последователни броја во списанието „Репортер 92“ со што бил откриен идентитетот на заштитениот сведок „Бреза3 во случајот Ореше .
Според МВР, другиот поранешен судија, и осомничениот адвокат инаку сопственик на хотелот „Романтик“ во Велес посредувале кај Јавниот обвинител да даде согласност да им се укине мерката притвор на обвинетите за убиството во Ореше.
Обвинителот прифатил, но не му дале позитивно мислење од Вишото јавно обвинителство. Освен тоа, судијата по барање на јавниот обвинител, ја заменил доставницата на пресудата во ОЈО Велес , односно дека е примена десет дена подоцна, со што му овозможил на обвинителот да поднесе жалба за висината на казната, иако рокот веќе истекол.
На почетокот на оваа година се случи пресврт во овој судски процес, кога заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза“, кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство во село Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски.
Новинарот Кежаровски по сообраќајката во која загина сопственикот и новинарот во Фокус, Никола Младенов во весникот Нова Македонија, каде што сега работи, објави материјал за кои тврди дека се докази, поточно ливчиња од патарини за којшто се претпоставува дека биле на Младенов, а биле оставени на местото каде што се случи трагедијата, по увидот на истражните органи.
Во големата полициска акција „Ликвидација“, уапсени се вкупно осум лица, сопственикот на ресторанот „Романтик“ во Велес кој работел и како адвокат, судија во Основен суд Велес и кој е и Претседател на кривичен совет, поранешен судија, лице познато од скопското подземје, поранешен истражен судија при Основен Суд Велес, Јавен Обвинител во ОЈО Велес, новинарот и посредник.
Судијата во Основниот суд во Велес и претседател на кривичниот совет во 2008 година преку посредник побарал паричен износ од две илјади евра за да им ја укине мерката притвор на двајца осомничени за разбојништво иако не биле исполнети условите за тоа.
Истражниот судија и јавниот обвинител во друг случај посредувале кај друг јавен обвинител кој го водел предметот за недозволено изработување на оружје, за да издејствуваат кај притвореното лице да не му биде продолжена мерката притвор, а обвинителот посредувал и кај судијата.
Тој го осудил лицето условно и му ја укинал мерката притвор. Уапсените се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „примање поткуп“, „противзаконито посредување“, „поттикнување“, „помагање“ и „соизвршителство“и „неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица“ од Законот за заштита на сведоци./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Црна хроника
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.
Црна хроника
(Фото) МВР: Пронајдено оружје при претрес во тетовско, лишени од слобода две лица, едниот на интернет се заканувал дека ќе изврши масовно убиство
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам до ОЈО ГОКК достави кривична пријава против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам, дополнително до ОЈО Тетово достави кривична пријава против 89-годишник за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, информира МВР.

Осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.

По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот.

По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско.

За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали. Две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.






