Македонија
Спасовски ги прими младите олимпијци кои освоија медали на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, ги прими учениците основци, кои во рамките на 16-тата Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки во декември во Доха, главниот град на Катар, освоија две сребрени и три бронзени медали.
Премиерот Спасовски на учениците, кои беа придружувани од своите ментори, како и од претставник на родителите, им честита за големиот успех потенцирајќи дека образованието е едно од најважните прашања на кое треба да му се посвети огромно внимание и низ разговори да се решаваат сите пречки за напредок и остварување понатамошен успех.
„Чест ми е што се среќавам со вас олимпијци, кои го покажувате вашиот квалитет на меѓународни натпревари. Нè правите горди, ни покажувате дека имаме потенцијал за кој вреди да се бориме да го задржиме тука, во нашата земја“, им се обрати премиерот Спасовски на учениците Матеј, Теона, Стефан, Никола, Емилија и Мајкл.
На средбата беше констатирано дека се потребни соодветни системски решенија во областа на образованието, кои, како што беше нагласено од заменичката на министерот за образование, Елизабета Наумовска, веќе се динамизираат и дека се преземаат чекори за решавање на детектираните проблеми.
Беше изразено задоволство од фактот дека Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Агенцијата за млади и спорт, учествува со финансиска поддршка на талентираните ученици што настапуваат на натпревари.
На средбата премиерот Спасовски истакна дека ќе се заложи за постигнатиот успех на учениците што достојно ја претставуваат нашата земја да следува соодветна поддршка и награда од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.
Македонија
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите, вели Манасиевски
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање дали се точни обвинувањата на СДСМ за злоупотребите на директорот на СОЗР Томовски и каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ на тврдењата дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра?
„Тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче кои го претставуваат за антикорупциски тим мислат дека сега ја открија Америка. Големото откритие е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, како и илјадници други, а податоците се и јавно достапни. Прашањето е каде е тука криминалот? Јасно е дека нема. Наместо текстовите да им ги пишува Зоран Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица. Тие ќе им кажат дека ваквата реторика освен правење на димна завеса за прикривање на криминалот на Зоран Заев, нема никаква друга релевантност“, рече Манасиевски.
Кажа дека е лага дека фирма на Томовски добила милионски тендери.
„Вистината е дека Томовски нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија која и таа самата тоа го потврди. Втора лага: СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е следна: службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски е негов со години. Трета лага: СДС тврди дека Томовски бил донатор на ВМРО ДПМНЕ и тоа било потврда дека тој имал бизниси. Вистината е следна: јавен и никогаш скриен податок е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, и тоа не значи кршење на било каков закон“, рече тој.
Манасиевски упати прашање до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дали не е криминал тоа што додека тој бил министер, негов министер и колега вицепремиерот Кочо Анѓушев му ги градел модуларните болници од кои една се запали и загинаа 14 луѓе.
„Кога тимот за одбрана на криминалот на Венко и Заев ќе го испита овој случај? Тоа треба да одговорат“, рече Манасиевски.

