Македонија
Дескоска: Негласањето на законот за Јавното обвинителство е обид за избегнување на правдата од одредени политичари
Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека отвореноста на судството и неговата транспарентност преставуваат основни претпоставки за зголемување на довербата на јавноста, а посочи и дека Судскиот совет е клучниот орган што треба да придонесе кон зголемување на транспарентноста на судовите.
Некои од измените на законите за судовите и Законот за Судскиот совет, донесени изминатата година, се однесуваат на создавање активна транспарентност на судовите.
Дескоска напомена дека во критериумите за оценувањето на претседателите на судовите посебно се вреднуваат односите со јавноста и транспарентноста во работењето, кои се оценуваат преку увид во веб-страницата на судот (соопштенија за работа на судот, објавени одлуки, анализи и извештаи за работата на судот и слично) и слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Дескоска истакна дека се значајни и новините што Министерството за правда ги предлага во однос на Јавното обвинителство.
Министерката истакна дека во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители се предвидува дека одлуките на Советот мора да бидат образложени и да се објавуваат на веб-страницата на Советот.
„Во согласност со предлог-законот, предвидено е дека седниците на Советот на јавните обвинители се јавни. Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. За исклучување на јавноста од седниците, Советот ќе одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови“, истакна Дескоска.
Во случај кога Советот ќе одлучи за исклучување на јавноста од седницата, претседателот на Советот ќе биде должен да ја извести јавноста за причините за исклучување на јавноста и во случај ако на истата седница донесува одлука со гласање, гласањето за одлуката ќе биде јавно.
„Кога Советот одлучува за избор на јавен обвинител на Јавното обвинителство или за избор на јавен обвинител во Јавното обвинителство, јавноста не може да биде исклучена во ниту еден случај. Советот ќе составува записник од гласањето за одлуката и тој јавно ќе го објавува на веб-страницата на Советот. За работата на седницата на Советот ќе се води записник и седницата се снима тонски или се прави аудиовизуелен запис. Усвоениот записник се објавува на веб-страницата на Советот“, потенцира Дескоска.
На крајот на своето обраќање Дескоска истакна дека една незавршена работа за Министерството за правда е носењето на законот за Јавното обвинителство.
Според министерката за правда, негласањето на законот за Јавното обвинителство од страна на опозицијата значи свесна блокада на евроинтеграциските процеси на земјата, дека опозицијата е против зголемувањето на бројот на обвинителите во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупација и чување на бомбите во Јавното обвинителство, но и избегнување на правдата од страна на одредени политичари од одредени политички партии.
„Само со гласање на законот опозицијата може да покаже дека е за европска иднина и бескомпромисна борба против криминалот“, истакна Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

