Македонија
MОН: Исплатата на повисоките плати во образованието мора да биде во согласност со законот

Моделот, односно решението за исплата на повисоките плати во образованието мора биде во согласност со позитивните правни прописи во земјата, велат од Министерството за образование и наука, откако Независниот академски синдикат и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) реагираа на повикот да се основа Синдикат на вработените во високото образование кој ќе потпише колективен договор, а со што ќе се овозможи најавеното зголемување на платите за 10 отсто од јануари.
„Министерството за образование и наука не смее, не дало и нема да даде насока како вработените на високообразовните установи синдикално да се организираат“, велат од МОН и додаваат дека согласно Законот за работните односи, со кој е уредува колективното договарање, единствениот начин за исплата на покачувањето на платите е да се склучи колективен договор на ниво на работодавач.
Во овој случај, работодавач е секој универзитет и тој треба да склучи колективен договор со синдикат во кој треба да членуваат најмалку 20 проценти од сите вработени на истиот.
Од Министерството веруваат дека синдикалните организации во областа на образованието ќе придонесат кон надминување на предизвикот, а со тоа, вработените во високото образование ќе го добијат договореното врз база на дијалог 10-процентно покачување на личните примања по основ на работен ангажман во високообразовна установа.
„Дали вработените на универзитетите ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со истиот, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети или, пак, ќе се приклучат кон СОНК или кон НАКС и ќе го исполнат условот за репрезентативност според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20% од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените во универзитетите“, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претпладне променливо облачно со сончеви периоди, попладне намалување на облачноста

Претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Во западните планински региони ќе има услови за слаб дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб, долж Повардарието умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
„Навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, извести Државната изборна комисија.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.