Македонија
(Видео) Заев во Чегране: Правиот пат ќе нè однесе во Европа, а Европа ќе ни ја донесе дома
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ и министер за здравство, Венко Филипче, и директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, синоќа беа во посета на гостиварското село Чегране со цел на жителите да им ги претстават приоритетите за новиот мандат по изборите на 12 април.
„Најважна цел на нашата политика е земјата да стане подобро место за живеење за сите. И во тој дух е сè што правиме – и носењето тешки одлуки и целиот наш труд и посветеност – сето тоа е за да добиеме резултати што ќе ги почувствува секој, без оглед на етничката или политичката припадност и која било друга определба. Заедничка цел е да имаме богата и економски силна држава. Тоа ќе значи и поголем број работни места, но ќе значи и задржување на младите тука“, посочи Заев пред граѓаните.
Жителите на Чегране со нетрпение очекуваат државата да стане членка на НАТО и ЕУ за да им пораснат надежите и очекувањата дека земјата е на прав пат. Затоа, Заев ги увери дека со полноправното членство во НАТО стануваме побезбедни, посигурни и поповолни за инвестиции.
„Европската иднина е цел на која остануваме доследни, без оглед на тешкотиите што се испречуваат на патот, затоа што со таа цел пред нас имаме силен поттик и патоказ како да направиме сеопфатни и квалитетни промени со кои и фактички ќе станеме дел од развиениот свет. Правиот пат ќе нè однесе во Европа, ама и Европа ќе ни ја донесе дома“, истакна Заев.
Граѓаните се пожалија за нарушената безбедност и здравје поради експлоатација на минерални суровини во околината на селото. СДСМ застанува на страна на народот и затоа во собраниска процедура се пуштени измените на Законот за минералните суровини, со кои се овозможува раскинување договор со концесионер поради нарушување на јавниот интерес. Очекувањата се дека овие измени ќе поминат бргу затоа што ништо не е поважно од здравјето на децата.
Способноста на државата и функционалноста на институциите подразбираат и владеење на правото и воспоставување систем на вредности со почитување на човековите права на секој поединец.
„Правната држава мора да функционира за да можеме да обезбедиме фер судски процеси и независен судски систем. Такви примери се случаите ‘Сопот’ и ‘Монструм’. Јавноста знае дека досието за ‘Сопот’ е решено и дека погрешно обвинетите се парично обесштетени од државата за местенката што им ја приреди режимот на ВМРО-ДПМНЕ, а во предметот ‘Монструм’ обвинетите веќе не се во притвор и судењето почна од почеток, со цел да им се даде можност на обвинетите да го искористат правото на еднаквост во процесот“, аргументира претседателот на СДСМ.
Во партијата остануваме доследни на концептот едно општество затоа што само заедно можеме да просперираме и затоа што богатството на нашата земја е во разликите, а тоа го препознаваат и сограѓаните Албанци.
„Мора да се стремиме да бидеме еднакви во општеството и државата. Еднакви пред институциите, еднакви пред законот. Дискриминацијата не носи ништо добро, освен насилство, поделби, незадоволство, конфликти. Кога станува збор за посебните права на некоја етничка заедница, не смееме да дозволиме да ни се повторуваат омразата и расправиите. Законот за употреба на јазиците не е прашање што треба повторно да ја дели државата, туку треба да го решиме на начин што ќе биде корисен за граѓаните. Да биде применлив, а не само да биде букви на хартија. Како што се реални проблемите, така да се реални и остварливи решенијата. Да не потпаѓаме под подбуцнувачките и деструктивни изјави на кој било политичар, без оглед дали е Албанец или Македонец. Јас длабоко верувам дека нема политички проблем што не може да се реши со разговор, договор, со човечки пристап“, заклучи Заев пред жителите на Чегране.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

