Македонија
Откриени креаторите на „Јавна соба“, МВР ќе ги достави доказите до Обвинителството

Министерство за внатрешни работи, сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и на еден од администраторите на групата со иницијали М. П. од Скопје. Во текот на истрагата преостанува да се утврдат другите лица што имале администраторски и модераторски улоги во групата, информира полицијата.
Со нив е извршен службен разговор, а во текот на утрешниот ден, во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО, ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располага МВР. Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината што беше споделена во групата, со цел утврдување други нелегални активности и сторители, и тоа во согласност со Кривичниот законик. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“ презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива, се наведува во соопштението.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, претходно информира дека засега утврдиле оти групата броела 8.000 члена, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“, но и приватни фотографии и видеа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ го честита Денот на Армијата: Нашите херои во униформа се гарант за сигурна иднина

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, упатуваме искрени честитки до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, до сите сегашни и поранешни воени лица, како и до нивните семејства, по повод 18 август – Денот на Армијата“, велат од СДСМ.
„Армијата претставува столб на сигурноста, одбраната и стабилноста на нашата држава. Со својата посветеност, дисциплина и професионалност, армиските припадници се грижат за безбедноста на нашите граѓани и за заштитата на територијалниот интегритет на земјата.
Посебно горди сме што токму во време на владеење на СДСМ, Северна Македонија стана 30. полноправна членка на НАТО – најсилниот безбедносен сојуз во светот. Со ова, нашата Армија стана дел од модерните армии на НАТО, со можност за обука, соработка и опремување според највисоки стандарди.
Членството во НАТО значи трајна гаранција за безбедноста на нашата држава, заштита на граѓаните и сигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Тоа е и признание за квалитетот и способноста на нашата Армија, која денес рамноправно учествува во меѓународни мисии за мир и стабилност ширум светот.
Уште еднаш, срдечно честитаме и им оддаваме почит на сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија – нашите херои во униформа“, соопшти СДСМ.
Македонија
Се уште гори кај Јасен, под контрола пожарот во Јегуновце

Центарот за управување со кризи извести деак во последното деноноќие, до 07:00 часот утрово низ земјава се регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор.
Од нив во моментов активен е само еден пожар, во општина Македонски Брод – Повеќенаменско подрачје Јасен каде што гори мешана шума.
Под контрола е пожарот во општина Јегуновце – помеѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орашје, каде што горат пасишта и мешана шума.
Како што соопшти ЦУК изгаснати се 26 пожари.
Македонија
„Влен“: Албанската култура се издига над измамите и злоупотребите на ДУИ

„Влен“ ги потсетува граѓаните дека оние кои денес сакаат да даваат „лекции“ за култура се токму оние кои 22 години ги измамија Албанците со Тетовската библиотека и театар. Поранешни функционери на ДУИ манипулираа со документи и процедури за јавни договори, злоупотребувајќи ја својата службена положба и имајќи корист од над 13 милиони евра од изградбата на овие институции, што е тешко предавство на националниот интерес, велат од „Влен“.
„Во меѓувреме, со доаѓањето на ВЛЕН во владата, за прв пат по децении, албанската култура признава опипливи достигнувања: Долгогодишниот проблем со вработувањето на членовите на Албанскиот ансамбл, запоставен од ДУИ, беше решен. За прв пат, Албанец ја предводи Филхармонијата во Северна Македонија. Во наше време, кога тоа не го правеа со децении, беше основан Гостиварскиот театар, отворајќи ги своите врати за албански уметници. Десетици Албанци беа вработени во културните институции. За прв пат, во секоја културна институција се донесени стотици трајни работни решенија, со што се гарантира безбедноста и достоинството на албанските работници и уметници.
Културата не е пропаганда, ниту фасада за прикривање на кражба и злоупотреба. Културата е идентитет, таа е достоинство, таа е наследство!
ВЛЕН ќе продолжи да го брани националниот интерес во културата, враќајќи им на Албанците она што им било ускратено две децении. Излажувањата на ДУИ завршија, ерата на вистинската албанска култура започна!“, се наведува во соопштението на „Влен“.